Бугарскиот министер за транспорт Гроздан Караџов нагласил дека тунелот меѓу Ѓуешево и границата со Македонија е стратегиска врска за поврзување на Црното и Јадранското Море. Во оваа смисла, истакнал дека Бугарија може веднаш да започне со изградба на делот од Ѓуешево до македонската граница во должина од 2,4 километри, но оти вистинскиот почеток ќе зависи од изградбата на самиот објект на тунелот
Бугарија е целосно подготвена да потпише договор со Северна Македонија и да започне со изградба на прекуграничен железнички тунел вдолж Коридорот 8. Ова, како што пренесе БТА, го изјавил бугарскиот вицепремиер и министер за транспорт и врски Гроздан Караџов за време на вчерашниот работен појадок со амбасадорите од ЕУ и НАТО, посветен на напредокот на стратешкиот инфраструктурен проект.

Бугарскиот министер нагласил дека тунелот меѓу Ѓуешево и границата со Македонија е стратегиска врска за поврзување на Црното и Јадранското Море. Во оваа смисла истакнал дека Бугарија може веднаш да започне со изградба на делот од Ѓуешево до македонската граница во должина од 2,4 километри, но оти вистинскиот почеток ќе зависи од изградбата на самиот објект на тунелот.
„Очекуваме одговор и коментари од Скопје за предложениот договор. Доколку нема забелешки, подготвени сме веднаш да го потпишеме и да почнеме со работа“,
рече Караџов.
На настанот на кој говореше министерот за транспорт се обратија и министерот за регионален развој на Бугарија, Иван Иванов, и министерот за одбрана Атанас Запријанов. Иванов порача дека Бугарија не треба да го изгуби фокусот од стратегиските проекти како што е Коридорот 8. Додаде дека е потребно забрзување на реализацијата со оглед на, како што рече, исклучителната важност на проектот за економско и логистичко поврзување.
Министерот за одбрана Атанас Запријанов, пак, ја истакна важноста на инфраструктурата за воената мобилност и регионалната безбедност, додавајќи дека Бугарија го смета железничкото поврзување со земјава за клучен елемент на проектот Воена мобилност, кој е приоритет за соработка меѓу НАТО и ЕУ.