Еве, заедно да го направиме ова како добри соседи, еве го начинот како да излеземе и да покажеме што значи добар сосед, вели премиерот
Шефот на дипломатијата вели дека Софија е на потег – да покаже дали ќе одиме напред во 21 век или таа ќе стои заглавена во реториката на 19 век

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека заедничка резолуција со Бугарија во Европскиот парламент, во која ќе се потврди посебноста на македонскиот идентитет и јазик, би било пример за двете држави да покажат што значи добри соседи и меѓусебна поддршка.
Сепак, тој не одговори дали од официјална Софија има одговор на неговиот предлог за заедничка резолуција. Посочи дека тоа го кажал како одговор на изјава на бугарскиот претседател Румен Радев дека единствен услов бил промена на Уставот.
„Затоа јас реков, во ред, ако е само тој услов, пред да дојдеме до тој услов да го исполниме, заеднички, преку бугарските европратеници да предложиме резолуција, со која заедно како соседи ќе го потврдиме македонскиот посебен идентитет и јазик, а потоа, во знак на добра волја, бугарската држава да ги примени пресудите од Стразбур кои се однесуваат на човековите права кои се ускратени на Mакедонците во Бугарија, да ја регистрира конечно ОМО ‘Илинден Пирин’, за да може да предложи свој претставник во министерскиот совет за заштита на малцинските права во Бугарија. Еве, заедно да го направиме ова како добри соседи, еве го начинот како да излеземе и да покажеме што значи добри соседи, што впрочем е дел и од Договорот за добрососедство, потпишан од Заев и Борисов“,
рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање при денешната посета на Тетово.
Уверен сум дека предлогот е стигнат, кажа денеска и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, кој посочи дека изјавата на премиерот била главна тема и во медиумите во Бугарија. Шефот на дипломатијата вели Софија е на потег – да покаже дали ќе одиме напред во 21 век или таа ќе стои заглавена во реториката на 19 век.
„Жалам што политичкиот дискурс во Бугарија е заглавен во 19 век,имаме многу за што можеме да разговараме и многу иницијативи кои треба да ги споделуваме. Прифаќањето на гестот на премиерот не е поврзан со прашањето дали ние веруваме во многувековноста на нашата историја, идентитет или јазик. Сето тоа што го прочитав и од експертската јавност, да тие се ноторни факти, но, истовремено, академската заедница на којашто и јас сум член, некогаш треба да биде свесна за политичката реалност, а политичката реалност е дека нашиот сосед и покрај сите овие непобитни факти го негира нашиот идентитет, нашата историја и нашиот јазик и тоа за нас не претставува ризик, туку и пречка. И што велиме ние, која е иницијативата на премиерот – дајте да покажеме гест, знак, иницијатива да ја елиминираме таа пречка. Затоа во моментов Софија е на потег, да покаже дали ќе одиме напред во 21 век или дали таа ќе стои заглавена во историјата на 19 век. Јас сакам да верувам во разумот, во прогресивноста на Софија, знам дека ти е се тешки одлуки, но за тоа сме избрани сите, да носиме тешки одлуки и можноста на Софија е да покаже дека ќе застане на страната на прогресот“,
кажа Муцунски на новинарско прашање при денешната заедничка прес-конференција со министерот за надворешни работи на Кралството Мароко, Насер Бурита, кој е во посета на земјава.