„На луѓето сега им се потребни мерки. Којзнае како ќе биде после велигденските празници, како ќе се одвива кризата. Мерки што ќе бидат за таргетирани групи граѓани, кои ќе значат директна финансиска поддршка“, рече лидерот на СДСМ
Претседателот на Владата истакна дека единствената држава која учествува од буџетот во мерките е токму нашата и ниту една друга во Европа и, како што рече, сите други прават импровизација

Незадоволството од менаџирањето на економската криза беше тема за која денеска од собраниска седница посветена на пратенички прашања од опозицијата, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, упати критики до премиерот Христијан Мицкоски. Филипче обвини дека владата не реагирала навреме на растот на цените предизвикани од глобалните превирања, што довело до поскапување на основните продукти за 5 до 10 отсто, додека кај овошјето и зеленчукот растот е над 200 проценти.
„Апелиравме владата да преземе навремени мерки за да не започне спиралата на зголемување на цените. За жал, законите за намалување на ДДВ на горивата и патарините не беа изгласани“,
истакна Филипче.
Филипче потстети дека во времето на менаџирањето на кризата во владите на СДСМ, за време на ковид-кризата или по почетокот на војната во Украина, мерките што сега ги предложиле владејачкото мнозинство не ги изгласа.
„Во време на менаџирањето на кризите Украина, ковид-кризата, имаше и дополнителни мерки кон одредени категории на граѓани. Имаше субвенција за плати, имаше субвенција за пензионери од 1 500 до 3 000 денари, имаше ваучери студентски од 1 500 до 2 000 денари. Значи, имаше поддршка на одредени категории на граѓани, а во смисла на социјална помош, загрозени, со посебни потреби и така натаму. На луѓето им е потребна директна финансиска помош. Мерките коишто сега се предлагаат апсолутно немаат никаков ефект, односно граѓаните не ги чувствуваат“,
рече Филипче.
Тој го праша премиеорт зошто не ги прифаќаат мерките што навистина ќе дадат ефект и дали планираат нешто да преземат сега, а не по велигденските празници.
„На луѓето сега им се потребни мерки. Којзнае како ќе биде после велигденските празници, како ќе се одвива кризата. Мерки коишто ќе бидат за таргетирани групи на граѓани коишто ќе значат директна финансиска поддршка“,
додаде Филипче.
Премиерот Мицкоски, во својот одговор, ги отфрли обвинувањата нагласувајќи дека актуелната влада генерира реален раст на БДП од 3,5 отсто, што е двојно повеќе од периодот на претходната власт. Тој додаде дека токму мерките за намалување на ДДВ на нафтата придонеле Македонија да има една од најниските стапки на инфлација во регионот.
„Кога правите споредби, треба да знаете дека ги потсетувате граѓаните на најлошите времиња во македонската историја на политичката сцена. Времиња полни со криминал, времиња полни со корупција, банди што хараат во Скопје. Времиња во коишто се запалуваат модуларни болници. Времиња во коишто Македонија плаќаше рекет во еден локал во Југоисточна Македонија. Секогаш кога правите споредби треба да разберете дека политички не ви е опортуно бидејќи ги потстетувате граѓаните на вас“,
рече Мицкоски во одговорот.
Претседателот на Владата истакна дека единствената држава што учествува од буџетот во мерките е токму нашата и ниту една друга во Европа и, како што рече, сите други прават импровизација.
На одговорот на Мицкоски, Филипче рече дека очекувал тоа да биде кажано и оти премиерот сакал да ги убеди граѓаните дека фрижидерот не им е празен.
„Не можете да ги убедите, тие ќе го кажат својот глас на изборите. Наместо за стандардот, вие се грижите само за тендерите на вашите блиски луѓе и бизнисот со струја. Така што граѓаните гледаат, знаат како живееле во тоа време, знаат како живеат во ова време. На некој следен изборен циклус ќе го кажат својот глас. Ваква влада ние не заслужуваме“,
рече Филипче додавајќи дека власта дополнително ги подгрева меѓуетничките тензии и го блокира европскиот пат на државата.
