Координаторот на оваа пратеничка група бараше промени во редоследот за обраќање на пратениците, со забелешка дека листата не била составена онака како што била доставена до Џафери
Алијанса и Алтернатива се противат на одложување на пописот и најавија дека ќе искористат секаков механизам за да го блокираат гласањето
Собранието попладнево го започна продолжението на 38. седница на чиј дневен ред се измените и дополнувањата на Законот за попис, со којшто се предвидува одложување на пописот за септември, и измени и дополнувања на Изборниот законик, но на барање на координаторот на пратеничката група на Алијанса на Албанците и Алтернатива Скендер Реџепи, која се противи на одложувањето на пописот, седницата е прекината и ќе продолжи во 16:30 часот.
Реџепи бараше промени во редоследот за обраќање на пратениците и тврдеше дека тие доставиле листа со пратеници до Кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Претседателот на Собранието образложи во кои случаи се составува листа на пратеници кои ќе зборуваат, и рече дека кога почнало продолжението не сите пратеници на оваа пратеничка група биле во салата да се пријават за збор.
Образложението на Реџепи зошто не биле пратениците во салата беше дека некои пратеници не можеле да најдат место за паркирање, а потоа морале и да се потпишат дека дошле во Собранието.
Претседателот на Собранието рече дека седницата била закажана за 15:00 часот и оти не е негов проблем што некој доаѓа во 15:15 часот и доцни на работа и притоа не наоѓа паркинг.
Џафери, сепак, го прифати барањето и даде еден час пауза.
Алијанса и Алтернатива се противат на одложување на пописот и најавија дека ќе искористат секаков механизам за да го блокираат гласањето. Тие поднесоа над 100 амандмани на измените на овој закон, но ниту еден не им беше прифатен поради тоа што не биле уредно поднесени.
