За време на комисиската расправа, пратеничката Гордана Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ препорача во членот 4 од предлог-законот, каде што се набројува каде и како ќе се применува и заштитува македонскиот јазик, да се потенцира дека ќе се уреди познавање на македонскиот јазик како услов за добивање државјанство и за вработување, особено при вработување во дипломатски и конзуларни претставништва
Собраниската Комисија за култура денеска го разгледа предлог-законот за употреба на македонски јазик во прво читање и едногласно одлучи дека е прифатлив и треба да се даде на понатамошно читање.
Образложувајќи го предложениот закон, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска напомна дека со него ќе се прошират областите во кои задолжително се употребуваат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо.
„Со предлог-законот ќе се прошири опсегот на задолжително лекторирање текстови што се објавуваат: општите и поединечните акти на законодавната, на извршната и на судската власт и на единиците на локалната самоуправа, службените документи и текстови на овие органи, но и на јавните установи и институции од областа на културата, образованието и науката“,
рече министерката за култура Костадиновска-Стојчевска.

Додаде дека со законот ќе се даде правна основа за донесување национална стратегија за македонскиот јазик.
Проверката на стручно знаење за лекторирање ќе се врши преку полагање на испит за добивање на лекторска лиценца, рече министерката и додаде дека се предлага формирање на Инспекторат за употреба на македонскиот стандарден јазик – орган во рамките на Министерството за култура – кој би вршел надзор над примената на законот.
За време на комисиската расправа, пратеничката Гордана Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ препорача во членот 4 од предлог-законот, каде што се набројува каде и како ќе се применува и заштитува македонскиот јазик, да се потенцира дека ќе се уреди познавање на македонскиот јазик како услов за добивање државјанство и за вработување, особено при вработување во дипломатски и конзуларни претставништва.
Таму, како што рече, употребата на македонскиот јазик треба да биде задолжителна.
„Исто така, потребно е да постои и проверка на познавање на македонскиот јазик при вработување на овие места. Советот за македонски јазик, пак, треба да биде синоним за највисоко познавање на филологијата, односно на македонскиот јазик. Во однос на опасноста од конфликт на интереси, потребно е да се воведат построги критериуми со цел да се отстрани опасноста од фамилијаризацијата. Целосна поддршка давам во однос на казните, бидејќи сегашните казни се смешни“,
рече Силјановска-Давкова.

Нејзината колешка, пратеничката Велика Стојкова-Серафимовска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека ова е подобро законско решение од она што беше понудено во 2019 година, но препорача во законот да се додаде дека освен што е нематеријално културно богатство, македонскиот јазик е и културно богатство.
Ова, според пратеничката, ќе овозможи поширока плејада на механизми кои ќе се користат во согласност со Светските конвенции кои како држава ги имаме ратификувано.
Во однос на Советот за македонски јазик, Стојкова-Серафимовска посочи дека треба да се размисли дали мандатот на сите членови треба да им истекува во исто време. Таа предложи членовите на Советот да ротираат за, како што рече, да постои континуитет, односно да не дојдеме во ситуација да немаме Совет за македонски јазик.
„Исто така, моја препорака е и да се воведе задолжително изучување на македонски јазик во универзитетите, макар и само еден семестар“,
рече Стојкова-Серафимовска.
Министерката за култура, пак, во реплика на пратеничката Стојкова-Серафимовска посочи дека од Советот за македонски јазик се согласиле дека по изгласувањето на овој закон, ќе пратат иницијатива до Министерството за образование и наука (МОН) за изучување на македонскиот јазик на универзитетите.