Уставниот суд е составен од 9 судии, но кон крајот на мај и почетокот на јуни мандатите им истекоа на тројца. За новите тројца, партиите веќе подолг период не може да се усогласат и собраниската Комисија подолго од еден месец не може да ги утврди кандидатите кои потоа треба да бидат изгласани на пленарна седница
Точката за утврдување предлог за избор на тројца нови судии на Уставниот суд, иако беше ставена како прва, беше тргната од дневниот ред на денешната седница Комисијата за прашања за избори и именувања во Собранието. Претседателот на Комисијата, пратеникот Костадин Костадинов, вели ќе го закаже продолжението на оваа седница кога ќе добие известување од колегите пратеници кои побараа истата да се тргне од дневен ред.
Покрај оваа, од денешната седница на собраниската Комисија остана уште да се утврди предлог-одлука за именување на претседател и членови на одборот за доделување на државната наградата „8 Септември“.
Уставниот суд е составен од 9 судии, но кон крајот на мај и почетокот на јуни мандатите им истекоа на тројца. За новите тројца, партиите веќе подолг период не може да се усогласат и собраниската Комисија подолго од еден месец не може да ги утврди кандидатите кои потоа треба да бидат изгласани на пленарна седница.
Меѓу имињата кои претходно се споменуваа како фаворити беа генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова и адвокатот Васко Талевски, но тоа наиде на бурни реакции од опозицијата. Последното име, пак, е републичкиот обвинител Љубомир Јовески кој, како и претходно, и денеска излезе со изјава дека доколку пратениците сметаат дека може да биде уставен судија и му дадат доверба, тој ќе ја прифати функцијата.