Седницата на матичната собраниска комисија на која треба да биде формирано ова тело е закажана откако досегашната претседателка на Антикорупциска, Татјана Димитровска, на крајот на јули годинава поднесе оставка од функцијата откако против неа беше поднесено обвинение за две кривични дела во случајот „Адитив“
Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата за утре напладне закажа седница на која треба да биде формирана комисија за селекција на кандидати за нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Седницата е закажана откако досегашната претседателка на Антикорупциска, Татјана Димитровска, на крајот на јули годинава поднесе оставка од функцијата.

Собранието ја констатира оставката на Димитровска на 29 јули, а на 5 август распиша оглас за нов претседател на ДКСК, по што почна да тече 10-дневниот рок за пријавување кандидати.
Досегашната прва антикорупционерка поднесе оставка на 25 јули откако Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднесе обвинение против неа во рамки на предметот „Адитив“. Обвинението се однесува на две кривични дела – оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.
Престанокот на функцијата претседател или член на ДКСК е пропишан во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересот, според кој, функцијата престанува пред истек на мандатот во случај – да поднесе оставка, трајно ја изгуби способноста за вршење на функцијата, што го утврдува Собранието, е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или настапи негова смрт.