Од Јавното обвинителство информираа дека утрово го добиле дописот со поканата за присуство Коцевски на собраниската седница
Собранието на Република Северна Македонија денеска треба да ја одржи 76. пленарна седница на чиј дневен ред е предлогот на Владата за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.

Дека разрешувањето на Коцевски треба да се најде на денешната седница, вчера на брифинг со новинарите соопшти претседателот на Собранието, Африм Гаши, а како што може да се види на веб-страницата на законодавниот дом, предлогот е втора точка на дневен ред.
Од Јавното обвинителство информираа дека утрово го добиле дописот со поканата за присуство на Коцевски на седницата.
Од Собранието потврдија дека дописот со поканата го испратиле вчера, а споделија и копија од документот.
Засега нема потврда од Јавното обвинителство дали Коцевски ќе присуствува на седницата.
Оттаму најавија дека државниот јавен обвинител ќе даде изјава за медиумите во просториите на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Владата на седницата одржана пред точно една недела, односно минатиот вторник, одлучи да ја продолжи постапката за разрешување на државниот јавен обвинител.
Предлогот во изјава за медиумите тогаш ја образложи владината портпаролка Марија Митева.
Како што кажа таа, и како што може да се прочита во материјалите на веб-страницата на Собранието, Владата бара разрешување на Коцевски затоа што, според неа, јавниот обвинител направил крупни професионални грешки при раководењето со Јавното обвинителство, што довело до нарушување на неговата ефикасност и функционалност.
Во образложението, што е дел од собраниските материјали, меѓу другото е посочено Задолжителното упатство што Коцевски го донел на 31 јуни 2024, со кое наводно ги пречекорил своите надлежности.
„Одредбите во Упатството за споделување податоци за тековни предмети ги ограничуваат законските овластувања на вишите јавни обвинители и ги прекршуваат принципите на хиерархија, субординација и самостојност кои се гарантирани во член 3 од Законот за Јавно обвинителство. Со ваквата правна конструкција, вишите јавни обвинители се оневозможени да ги извршуваат своите законски надлежности“,
се вели во образложението.

Во предлогот се наведува и дека Коцевски дозволил и не презел ништо околу наводно изнесување информации и податоци за судски предмети од Јавното обвинителство.
„Како последица на сторените повреди во изминатиот период е евидентна нарушената функционалност на Јавното обвинителство и сериозно е нарушен неговиот интегритет“,
рече Митева минатиот вторник.
За потсетување, постапката за разрешување на Коцевски Владата ја иницира на почетокот на годината, но ја прекина по пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 млади луѓе, а повеќе од 200 беа повредени.
Коцевски во досегашните јавни обраќања предлогот за негово разрешување го оцени како политичка одлука, наведувајќи дека тој цело време работел професионално и дека намерата му е така да продолжи и во иднина.
Премиерот Христијан Мицкоски во синоќешното гостување во централниот дневник на ТВ Сител рече дека на Коцевски, кого го наследиле кога дошле на власт, му оставиле една и пол година да покаже резултати, но тоа не се случило и затоа сега влегуваат во процес на барање негов наследник од кого очекуваат многу повеќе.
Одговарајќи на прашање дали имаат фаворит како партија, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека немаат, и во таа насока ги повика сите кои се чувствуваат компетентни да се пријават.
„Еве ги охрабрувам сите оние коишто се чувствуваат компетентни, коишто сакаат правда, право во државата да се пријават“,
рече тој.
Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, одговарајќи на прашање за постапката за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, рече дека во тоа не гледа обид за реформа, туку уште еден доказ за партизирање на институциите.
„Сметам дека тоа е уште еден доказ дека сакаат само да ги партизираат институциите и ништо друго да не направат. Никаква реформа“,
изјави тој.
