На гласањето му претходеше едночасовна дискусија, во која главни актери беа пратеници на опозицискиот СДСМ, кои веќе се изјаснија дека ќе гласаат против Законот и од ВМРО-ДПМНЕ, кои го бранеа заемот кој, како што рекоа, ќе внесе свежи пари во македонската економија и ќе помогне во развојот на општините преку поддршка на проекти
Со 65 гласа „за“ Собранието на денешното продолжение на 14 . седница го донесе Законот за задолжување од 500 милиони евра кај Унгарската експорт-импорт банка.
Против Законот што го предложи Владата гласаа 15 пратеници, а „воздржани“ немаше.

На гласањето му претходеше едночасовна дискусија, во која главни актери беа пратеници на опозицискиот СДСМ, кои веќе се изјаснија дека ќе гласаат против Законот и од ВМРО-ДПМНЕ, кои го бранеа заемот кој, како што рекоа, ќе внесе свежи пари во македонската економија и ќе помогне во развојот на општините преку поддршка на проекти.
Законот во собраниска процедура се најде минатата недела, а стана дел од дневниот ред на 14 седница на предлог на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Воедно беше изгласана и потребата тој да се носи по скратена постапка.
Ова беше повод за реакција од опозицискиот СДСМ, чија пратеничка група во четвртокот преку прес-конференција на која говореше партискиот лидер Венко Филипче ја повика власта да го повлече предлог-законот и да го поднесе во редовна постапка.
Два дена претходно, на 11 септември, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека Законот за кредит од Унгарија е голем корупциски проект, за кој каматите ќе ги плаќаат идните генерации.
Според него, корупција во овој закон се гледа од авион. Најави дека СДСМ многу внимателно ќе следи кои ќе бидат формите што ќе бидат назначени од Унгарија и ќе бидат одговорни за провизиите, а сите работи што ќе ги откриваат, како што рече, ќе ги презентираат на јавноста.
Поради ваквата позиција, пратеничката на СДСМ и претседателка на Комисијата за финансирање и буџет, Сања Лукаревска одби да закаже седница на ова собраниско тело, поради што интервенираше претседателот на Собранието, Африм Гаши. Седницата на Комисијата ја закажа тој, а со неа претседаваше пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски.
Пратениците на СДСМ не присуствуваа на седницата и не учествуваа во комисиската расправа.
Во меѓувреме главниот Саболч Пањи истражувачки новинар и уредник на истражувачкиот портал „Ви-сквер“ (VSquare) со седиште во Будимпешта, објави дека Унгарија е во улога на параван на Кина во давањето заем од 500 милиони евра за Северна Македонија.
Медиумот отвора прашања поврзани со заемот од 500 милиони евра што во јули годинава го договорија унгарскиот премиер Виктор Орбан и премиерот на С Македонија, Христијан Мицкоски, кои негуваат блиски релации.
Конкретно, како дилема се наметнува одлуката на официјална Будимпешта за позајмица од половина милијарда евра за С Македонија во услови кога владата на Орбан се соочува со сериозни финансиски предизвици.
Во статијата конкретно се спомнува кредитот од една милијарда евра што претходно оваа пролет официјална Будимпешта го зеде од три кинески банки – податок што не беше јавно објавен од унгарската влада – но како информација подоцна се најде на веб-страницата на унгарската владина агенција за јавен долг.
Инаку, според Законот што денеска беше донесен заемот од Унгарската експорт-ипорт банка ќе се повлече во една транша, а рокот за негова отплата е 15 години, со вклучен грејс-период од три години. Каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти. Во него се предвидува Северна Македонија да ѝ плаќа на Унгарската експорт – импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност провизија за неповлечени средства во висина од 0,5 проценти од заемот на годишно ниво. Провизијата за неповлечени средства ќе се пресметува на дневна основа на неповлечениот дел од заемот, пресметано од датумот на достапност на средствата и ќе се плати првиот работен ден по завршување на периодот на достапност. Заемот ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година. Дополнително, Република Северна Македонија ќе ѝ плати провизија за извршени правни услуги на независна фирма избрана од страна на Унгарската експорт – импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност.
Во врска со провизиските трошоци, премиерот Христијан Мицкоски минатата недела изјави дека тие ќе изнесуваат 70 илјади евра пари кои за правни услуги земјава треба да ѝ ги плати на независна фирма избрана од страна на Унгарската експорт-импорт банка.
Инаку, заемот беше договорен кон средината на јули од страна на премиерот Христијан Мицкоски и неговиот унгарски колега Виктор Орбан за време на нивната средба на маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон.