Вчерашната иницијација на процесот на ратификација на Пристапниот протокол за НАТО од владата во Мадрид е само прв чекор во процесот кој сега треба да продолжи – прво во Долниот дом, а потоа и во Сенатот на шпанскиот парламент. Речиси невозможно се чини завршувањето на процедурата до 12 февруари, за кога се најавува распуштање на македонското Собрание
Наспроти изјавата на претседателот на парламентот, Талат Џафери, дека нема потреба од брзање, Собранието, сепак, ќе треба предвреме да го ратификува предлог-законот за ратификација на Северноатлантскиот договор (членството во НАТО) зашто процедурата на ратификација на Пристапниот протокол во Шпанија многу тешко ќе заврши до 12 февруари.

Тоа е датумот за кога Џафери најави носење на одлуката за распуштање на парламентот за на 12 април да се одржат предвремени парламентарни избори во земјава. Иако според Уставот Собранието е во постојано заседание и актуелните пратеници ќе земаат плата сè до верификувањето на мандатите на идните пратеници, Џафери е против свикување пленарна седница по одлуката за распуштање.
Шпанскиот парламент не функционира во полн капацитет
Од друга страна, до 12 февруари речиси е невозможно да заврши процесот на ратификација во Шпанија, кој вчера и формално започна со одлуката на владата во Мадрид, бидејќи шпанскиот парламент сè уште не функционира во полн капацитет. За тоа да се случи, Конгресот (долниот дом на парламентот) треба да ја одржи првата работна сесија во присуство на кралот, што се очекува на почетокот на февруари.

Сè уште не е формиран ни комитетот за надворешна политика на Конгресот, кој е првата инстанца што треба да го одобри Пристапниот протокол за Северна Македонија, пред тој да оди на одобрување на пленарно заседание. Откако Протоколот ќе помине во Долниот дом, ќе оди на комисија, па на пленарна седница на Сенатот. Дури потоа Шпанија ќе може да го депонира ратификацискиот инструмент во депозитарот во Стејт департментот во Вашингтон и со тоа да го заокружи процесот на потврда на членството на Северна Македонија во НАТО.
Предлог-законот „на чекање“ во Собранието
Владата на 28 декември го утврди текстот на предлог-законот за ратификација на Северноатлантскиот договор потпишан во Вашингтон на 4 април 1949 година и го прати на усвојување во парламентот.
По усвојувањето, се предвидува тој да стапи во сила со денот на објавување во „Службен весник“, а да биде депониран во Вашингтон откако Шпанија ќе го ратификува Протоколот за пристапување на земјава во НАТО.