Со „најстар датум“ е 18. седница, која почна уште лани во октомври, што значи дека се одолговлекува повеќе од половина година поради хроничните проблеми со кворумот во овој собраниски состав
Продолженија на пет пленарни седници се закажани за денеска во Собранието, на чиј дневен ред има повеќе закони за кои е завршена расправата и за кои треба само да се гласа, но има и закони за кои не е завршена расправата.
Според информациите, од тоа дали во салата ќе има кворум за одлучување зависи дали денеска ќе се гласа за законите за кои е завршена расправата или ќе се затвора расправата за преостанатите закони. Во првиот случај, станува збор за закони за кои во моментот на гласање немало кворум за одлучување во пленарната сала, поради отсуство на опозицијата, како хроничен проблем што го следи овој собраниски состав уште од конституирањето во август минатата година.
Три од седниците, чии продолженија се закажани за денеска, почнале уште минатата година. Со „најстар датум“ е 18. седница, која почна уште лани во октомври, што значи дека се одолговлекува повеќе од половина година. Единствена преостаната точка на оваа седница е предлог-законот за задолжување кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка, по договорот за заем за финансирање на Проектот за модернизација на земјоделството, по скратена постапка.
Со „покус рок“ е 26. седница, која почнала во декември, а на чиј дневен ред се заостанати законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, по скратена постапка и законот за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка, во прво читање, поднесен од група пратеници од коалицијата на СДСМ.
Во декември почна и 29. седница, на чиј дневен ред е и законот за лични карти, што го поднесе опозициската Беса, а зад кој застана и опозициската коалиција Алијанса/Алтернатива, додека Левица го блокира со амандмани.
Со датум на почеток во февруари и во април се 34. и 39. седница. Според анализата што ја изготвиле собраниските служби во април, останати се осум незавршени седници, на чиј дневен ред се и повеќе точки по скратена постапка што сѐ уште не се разгледани. Повеќето од седниците почнале кон крајот на минатата година.
