Заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, пред пратениците истакна дека целта на реалокацијата е да се обезбедат потребните средства за клучни сектори

Собранието попладнево, со 60 гласа „за“ и девет против, ја донесе Одлуката за прераспределба на средствата помеѓу буџетските корисници на централната власт и фондовите. Со оваа одлука се врши алокација на 12,5 милијарди денари во рамки на веќе утврдениот буџетски дефицит за 2025 година од четири проценти.
Заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, пред пратениците истакна дека целта на реалокацијата е да се обезбедат потребните средства за клучни сектори.
Според заменик-министерот, со Одлуката се обезбедуваат потребните финансиски средства за трансфери кон ПИОМ и Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) за законски обврски, вклучително исплата на пензии, придонеси за здравствено осигурување на лица без осигурување и надоместок на плата за време на породилно отсуство.
Исто така, тој рече дека се обезбедуваат средства за поврат на придонеси за вработените во заштитните друштва и за исплата на социјални надоместоци на најранливите категории граѓани.
Според Јанкуловски, средства се обезбедуваат и за навремен трансфер кон ЈПДП за изградба на инфраструктурата на коридорот 8, делницата Тетово – Гостивар – Бокојчани и Требеништа – Струга – Ќафасан и за коридорот 10-д, делница на автопатот Прилеп – Битола.
„Се обезбедуваат средства за целосна исплата за изработка на подготвителна техничка документација за изградба на брза железница вдолж коридорот 10 и за нормално функционирање на целокупниот железнички систем во државата“,
рече Јанкуловски.
Според него, ќе се обезбедат средства за изработка на урбанистички планови, плаќање контрибуција кон Меѓународната поморска организација, трошоци за арбитражни постапки и реконструкција на владини згради.
Расправата во Собранието беше проследена со критики од опозицијата. Пратеничката од СДСМ, Сања Лукаревска, оцени дека земјава потфрла од економски аспект и праша за намалувањето во Програмата „инфраструктурни проекти од општините“.
„Скоро два месеца алармиравме дека има слаба реализација на капиталните расходи за 2025 година. Евидентно е дека има намалување на капитални расходи и зголемување на непродуктивните трошоци“,
нагласи Лукаревска, додавајќи дека цените и натаму галопираат.
Заменик-министерот Јанкуловски, одговарајќи на критиките, потенцираше дека реалокацијата е вообичаена на крајот на годината и ги спомна економските показатели.
„Најверојатно бевте испровоцирани од денешната прес-конференција на министерката за финансии, за растот на БДП во третиот квартал од 3,8 проценти. Бидете убедени дека со близу 4 отсто ќе ја завршиме годината. И УЈП денеска соопшти дека даноците во јануари – ноември 2025 во споредба со лани се зголемиле од 120 на 128 милијарди денари или за 7,8 милијарди“,
возврати Јанкуловски.
Пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ укажа дека претходната власт на СДСМ, за разлика од сегашната, реалоцирала средства за ликвидност на претпријатија како ЕЛЕМ, но потоа се увидело каде завршиле тие средства, додека според Фатмир Битиќи и Јованка Тренчевска од СДСМ, зимата допрва доаѓа „и оваа Влада си игра држава, без да води грижа за граѓаните“. За збор се јави и Љупчо Пренџов кој и се обрати на Тренчевска, обвинувајќи ја дека навредува, манипулира и ги искривува фактите.
