Во интерпелацијата на Левица, кој е доставена до претседателот Гаши, е наведено дека ја поднесуваат поради непочитување на уставните и законските обврски од страна на Коцевски

Со 71 глас „за“ и без ниту еден „против“ или воздржан, Собранието ја прифати интерпелацијата за работата на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, поднесена од Левица.
Заклучокот во кој парламентарците констатираа дека наводите во интерпелацијата за работата на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски се основани, сега ќе биде доставен до Владата и до државниот јавен обвинител.
Во интерпелацијата на Левица, која е доставена до претседателот Гаши, е наведено дека ја поднесуваат поради непочитување на уставните и законските обврски.
„Интерпелацијата ја засноваме на следниве индиции, факти и правно-релативни наводи: селективни кривични истраги за трагедијата во Кочани, логистички влијанија врз работата на Јавното обвинителство, функционален хаос во Вишото јавно обвинителство Скопје, непостапување по службена должност за дивоградбите на урбаната мафија во Скопје“,
се вели во интерпелацијата објавена на веб-страницата на Собранието.
Од Левица велат дека од почетокот на мандатот на Коцевски во Јавното обвинителство владеела нефункционална и токсична атмосфера, неажурност во постапките, а забележани биле и надворешни политички влијанија врз неговата работа.
Коцевски во петокот достави писмен одговор на интерпелацијата поднесена од пратениците Димитар Апасиев, Борислав Крмов, Реџеп Исмаил, Јована Мојсоска, Амар Мециновиќ и Сашко Јанчев, од 26 јуни, а во него наведува дека функцијата ја врши чесно и одговорно, со максимално почитување на начелата на транспарентност и отчетност, но и дека интерпелацијата е законски недозволена и дека институцијата е предмет на неосновани напади и тие се причина за ниската доверба во јавноста.
Во писмениот допис тој посочува дека иако поднесената интерпелација е недозволена согласно закон, фактот што подносителите без никаков аргумент бараат негова одговорност, покажува дека оваа интерпелација е политички, а не правно заснована.
Тој не присуствуваше на денешната седница на Собранието, каде што имаше можност и лично да го образложи одговорот што го достави.
Постапка за разрешување на Коцевски, Владата иницираше во почетните месеци од годинава. Но за тоа треба повторно да решава Собранието, со оглед дека интерпелацијата утврдува политичка одговорност, а не разрешување.