„Законот нуди стабилна, транспарентна и предвидлива рамка за домашни и странски инвеститори. Ги јакне капацитетите на регулаторот и операторите, создава услови за поголема интеграција со регионалните и европските енергетски мрежи и овозможува нови инвестиции во соларни, ветерни и други обновливи извори, топлификација, гасификација, складишта и дигитализирана мрежна инфраструктура“, велат од министерството

Со 62 гласа „за“ денеска во Собранието беше изгласан новиот Закон за енергетика, со кој се врши усогласување на македонското законодавство со европската регулатива во областа на енергетиката.
Новиот Закон за енергетика, како што велат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, е компатибилен со Реформската агенда за Западен Балкан и европските директиви. Законот, според министерството, предвидува значајно зголемување на уделот на обновливи извори во финалната потрошувачка, поголема енергетска ефикасност и намалување на загубите, отворен енергетски пазар во кој граѓаните стануваат активни чинители – производители, продавачи, членови на енергетски заедници.
Од министерството велат дека законот е подготвуван во широк, инклузивен процес во кој биле вклучени институции, експерти, бизнис-секторот, оператори, регулаторот и други заинтересирани страни.
Особено внимание, додаваат од министерството, е посветено на социјалната правда – законските решенија вклучуваат заштита на ранливите категории, поддршка за енергетска сиромаштија и фер пристап до енергија за сите.
„Законот нуди стабилна, транспарентна и предвидлива рамка за домашни и странски инвеститори. Ги јакне капацитетите на регулаторот и операторите, создава услови за поголема интеграција со регионалните и европските енергетски мрежи и овозможува нови инвестиции во соларни, ветерни и други обновливи извори, топлификација, гасификација, складишта и дигитализирана мрежна инфраструктура“,
велат од министерството.
Министерката Сања Божиновска вели дека со овој закон се отвора вратата за енергетски суверена и зелена држава.
„Овој закон е повеќе од нормативен акт – тоа е патоказ за иднината. Ова е закон што создава можности, но и бара одговорност. Шанса што не смееме да ја пропуштиме“,
додава Божиновска.