Чучуљ е актуелен генерален секретар на ДКСК и дипломиран правник со положен правосуден испит. На позицијата прв антикорупционер доаѓа по оставката што претходната претседателка на ДКСК, Татјана Димитровска, ја поднесе откако Обвинителството против неа покрена обвиненија за две кривични дела во случајот „Адитив“
Со 82 гласа „за“ пратениците на денешната собраниска седница го изгласаа Адем Чучуљ за нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

Чучуљ е актуелен генерален секретар на ДКСК и дипломиран правник со положен правосуден испит. На позицијата прв антикорупционер доаѓа по оставката што претходната претседателка на ДКСК, Татјана Димитровска, ја поднесе откако Обвинителството против неа покрена обвиненија за две кривични дела во случајот „Адитив“.
Пред гласањето во парламентот, пратеникот Ѓорѓија Сајкоски од ВМРО-ДПМНЕ ги повика колегите пратеници да го поддржат изборот на Чучуљ, велејќи дека тој навистина може да ги зајакне капацитетите и репутацијата на ДКСК. Сајкоски е претседател на собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата која пред две недели едногласно го предложи Адем Чучуљ за претседател на ДКСК.
Одлуката на собраниската комисија уследи откако претходно Чучуљ доби најголем број поени од страна на Комисијата за селекција на кандидати за претседател на ДКСК, која ги интервјуира сите 10 пријавени кандидати за оваа позиција. Комисијата за селекција на Чучуљ му даде 96,50 поени, оценувајќи дека покажал искуство во спречување на корупцијата и судирот на интереси, како и визија и конкретен план за работата и развојот на ДКСК.
За позицијата прв човек на Антикорупциската комисија првично се пријавија 13 кандидати. Во меѓувреме еден од нив ги повлече документите, а за двајца се утврди дека не ги исполнуваат условите, со што бројот се сведе на 10.
