Сега веќе поранешниот прв човек на Регулаторната комисија за енергетика, како што наведе собранискиот спикер, до почетокот на денешната седница не поднел образложение за оставката
Собранието на почетокот на денешната 85. седница ги констатира оставките на сега веќе поранешниот претседател на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, и на членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска.

Дека на двајцата и формално им престануваат функциите по оставките што ги поднесоа минатата недела, соопшти претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Бислимоски и Ристовска, согласно членот 121 став 1 од Деловникот на Собранието имаа можност да ги образложат своите оставки, но и двајцата денеска не се појавија во пленарната сала на законодавниот дом.
Сега веќе поранешниот прв човек на Регулаторната комисија за енергетика, како што наведе собранискиот спикер, до почетокот на денешната седница не поднел образложение на оставката, додека Ристовска не доставила известување дека сака да ја образложи пред пратениците.
Марко Бислимоски си поднесе оставка од функцијата претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) на 12 февруари.
Тогаш веста за МИА ја потврдија од РКЕ, без да соопштат детали за мотивите за ваквата одлука.
Бислимоски ја предводеше Комисијата речиси осум години. Тој беше избран за претседател во 2018 година со мандат од пет години, а нов мандат доби во 2023 година кога беше реизбран.
Оставката од Бислимоски дојде откако две недели претходно Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против него, поради сомненија дека не ја одзел лиценцата на компанијата „Тритерол петрол“ ДООЕЛ Скопје во јануари 2024 година, кога фирмата престанала да ги исполнува условите за трговија со нафта. Според Финансиската полиција, постапката наводно била прекината со незаконско решение, со што на фирмата ѝ било овозможено да работи до април 2025 година.

Бислимоски на прес-конференција ги отфрли наводите од кривичната пријава, тврдејќи дека РКЕ постапувала строго според законската регулатива и оти не постоел повластен статус за ниту една компанија.
Оставката од антикорупционерката Цвета Ристовска стигна следниот ден, на 13 јануари. За разлика од Бисломоски, таа оставката ја достави до претседателот на Собранието, наведувајќи дека ја поднесува по јавните полемики и сомнежи поврзани со нејзината работа во ДКСК.
„Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста. Во сите ситуации во моето работење во Комисијата во кои постоеше можност за потенцијален судир на интереси барав изземање, согласно законот. Никогаш немав намера да прикријам информација, напротив, ги почитував законските обврски“,
напиша таа.
Нејзиното име најмногу беше асоцирано со директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, бидејќи беше известител во ДКСК за предметот со сомнителниот ТОЕФЛ-сертификат на директорот. По нејзиното реферирање на предметот, Антикорупциска се прогласи за ненадлежна да постапува по овој предмет. Како дополнително спорен момент беше и тоа што Христовски поседува сомнителна диплома од Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, каде што Ристовска порано била предавач, но од ДКСК, исто така, се прогласија за ненадлежни да вршат експертиза за дипломата.

Неодамна дел од медиумите објавија и дека на почетокот на овој месец самата ДКСК отворила два предмети за својата колешка, кои се однесуваат на судир на интереси и непријавување имот.
Едниот случај, како што објави Телма, е во врска со фирма на еден од синовите на Ристовска, која добивала пари за кампањата за претседателските избори во 2024 година, додека другиот се однесува на наводите дека антикорупционерката во својот анкетен лист не пријавила дека двајцата нејзините синови имаат фирми за маркетинг.
