Митреска е реизбрана за втор мандат на функцијата вицегувернер откако првпат беше именувана во октомври 2018 година
Во текот на собраниската расправа пратеничката Сања Лукаревска од редовите на СДСМ и поранешна директорка на Управата за јавни приходи упати критики во однос на постапката и роковите за избор на вицегувернерите, наведувајќи дека мандатот на, условно кажано, двајцата претходни вицегувернери истекол на 18 октомври 2025 година, додека изборот на „новите“ се реализира дури на 8 април 2026 година, оценувајќи дека со тоа е прекршен Законот за Народната банка
Собранието денеска на предлог на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, ги избра Ана Митреска и Игор Величковски за вицегувернери на Народната банка, со мандат од седум години.

Ана Митреска е реизбрана за втор мандат на функцијата вицегувернер откако првпат беше именувана во октомври 2018 година.
Митреска е магистер по монетарна економија и има повеќе од 25 години работно искуство во Народната банка. Во досегашната кариера, како што се наведува во материјалите за нејзиниот предлог за функцијата, таа дала значаен придонес во областа на макроекономските анализи, среднорочните проекции и истражувачката дејност, а активно учествувала и во комуникацијата со меѓународните финансиски институции и агенциите за кредитен рејтинг.
Митреска е авторка на повеќе научни и стручни трудови од областа на монетарната и фискалната политика.
За Игор Величковски, кој исто така е избран за оваа функција, се наведува дека е долгогодишен истакнат професионалец во областа на платните системи и финансиските пазари. Тој е доктор по монетарна економија на Универзитетот во Стафордшир, Велика Британија, и повеќе од 30 години е дел од Народната банка.
До изборот на функцијата вицегувернер, Величковски беше директор на Секторот за операции на финансиските пазари и платни системи, при што беше вклучен во клучни реформи на платната инфраструктура и процесите на нејзина модернизација, како и во приклучувањето на земјата кон Единствената европска област за плаќања – СЕПА во 2025 година.
Во текот на собраниската расправа пратеничката Сања Лукаревска од редовите на СДСМ и поранешна директорка на Управата за јавни приходи упати критики во однос на постапката и роковите за избор на вицегувернерите. Таа нагласи дека не го оспорува професионалниот кредибилитет и биографиите на кандидатите, оценувајќи ги како „импозантни“, но посочи дека постапката за нивно предлагање и избор не била спроведена во согласност со законските рокови.
Лукаревска потсети дека мандатот на двајца вицегувернери истекол на 18 октомври 2025 година, додека изборот се реализира дури на 8 април 2026 година, и оцени дека со тоа е прекршен Законот за Народната банка.
Според неа, ваквото доцнење ги загрозува легалното функционирање, легитимитетот и кредибилитетот на Народната банка, особено во услови на економска и финансиска чувствителност.
Таа најави дека пратеничката група на СДСМ ќе гласа против изборот, не поради кандидатите, туку, како што рече, како аларм за непочитување на законите и роковите.

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија на 2 април во Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, поради сомнение за несовесно работење во службата со кое предизвикал штета врз Буџетот и правниот поредок.
Како што изјави тогаш генералниот секретар на партијата, Александар Саша Димитријевиќ, првата причина за поднесувањето на кривичната пријава е тоа што бил пробиен законскиот рок за предлог на вицегувернери, со што било загрозено легалното функционирање на Народната банка. Втората, наведе тој, е дека постојат сериозни индиции дека по истекот на мандатите, на лица им се исплаќале плати за функции кои веќе не смееле да ги вршат.
„Трето, овие лица продолжиле да носат одлуки во Советот на Народната банка и по истекот на роковите, што ги прави тие одлуки спорни и ништовни“,
рече тогаш генсекот на СДСМ.
Кривичната пријава социјалдемократите од Бихаќска ја поднесоа откако претходно го обвинија гувернерот Славески дека незаконски го блокира изборот на нови вицегувернери чиј мандат истекол уште минатата година.
Славески, повикувајќи се на Законот за Народната банка, во изјава за медиумите ги отфрли ваквите наводи, велејќи дека одлуките на Советот се легитимни иако е истечен мандатот на двете вицегувернерки, Ана Митреска и Емилија Нацевска. Притоа, тој на 24 март, изјави дека очекува парламентот во следните денови или на почетокот на идниот месец (април) на дневен ред да го стави изборот на новите вицегувернери.
