Според дополнетиот предлог што денеска го изгласаа пратениците, за да бидат впишани во Регистарот што ќе го води Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, интернет-порталите ќе мора да имаат најмалку двајца вработени со полно работно време, наместо тројца, како што предвидуваше претходниот предлог
Посебни услови се предвидени за интернет-порталите со, како што е дефинирано, мал или специјализиран опфат, што треба да ги опфати и т.н. локални портали. Тие ќе мора да имаат вработено едно лице со полно работно време и едно лице ангажирано со договор на дело
Со 69 гласа „за“, Собранието денеска во рамките на 44. седница ги донесе измените и дополнувањата на Законот за медиуми.

Законските измени го поминаа и гласањето со Бадентер. Ги поддржаа 15 пратеници кои доаѓаат од немнозинските заедници во државава, додека само еден беше против.
Измените на Законот носат новини во секторот медиуми, пред сè, со вбројување на онлајн медиумите, односно интернет-порталите, меѓу медиумите.
Изминатиот период елементите опфатени во законското решение предизвикаа реакции кај медиумската фала.
Додека предлагачот на измените на Законот, Министерството за дигитална трансформација, ги бранеше решенијата, медиумските здруженија имаа забелешки за дел од предложените решенија.
Главен камен на сопнување беше бројот на вработени кои мора да ги има еден интернет-портал за да биде впишан во Регистарот на издавачи на онлајн медиуми кој ќе го води Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Според првично предложеното решение, бројот на вработени требаше да изнесува најмалку тројца. Ова предизвика загриженост, пред сè, кај локалните интернет-портали, кои реагираа дека не можат да ја издржат оваа обврска наметната со решението.
Сепак, овие бројки не се најдоа во конечното решение што денеска го изгласаа пратениците. Пратениците одлучуваа за дополнет предлог за изменување и дополнување на Законот за медиуми, во кој, како што се наведува во материјалот, се вградени амандманите усвоени од матичната Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање на седницата одржана на 14 април и оние усвоени на седница на Законодавно-правната комисија одржана истиот ден.
Според дополнетиот предлог, кој сега е дел од Законот за медиуми, за да бидат впишани во Регистарот на АВМУ, интернет-порталите ќе мора да имаат најмалку двајца вработени со полно работно време.
„Надлежното регулаторно тело нема да го впише издавачот на онлајн медиумот – интернет-порталот во Регистарот на издавачи на онлајн медиуми – интернет-портали доколку нема вработено најмалку две лица со полно работно време, односно ќе го избрише издавачот на онлајн медиумот – интернет-порталот од Регистарот на издавачи на онлајн медиуми – интернет-портали доколку го нема потребниот број вработени согласно член 15 став (3) алинеја 4 од овој закон“,
се вели во новиот став 11 од членот 5 од Законот за медиуми.
Посебни услови се предвидени за интернет-порталите со, како што е дефинирано, мал или специјализиран опфат. За да бидат впишани во Регистарот, тие ќе мора да имаат вработено едно лице со полно работно време. Дополнително, обврска на овие медиуми е што ќе мора да имаат ангажирано и едно лице со договор на дело.
„По исклучок на ставот (11) од овој член, надлежното регулаторно тело ќе го впише издавачот на онлајн медиумот – интернет-порталот во Регистарот на издавачи на онлајн медиуми – интернет-портали доколку има вработено едно лице со полно работно време и ангажирано едно лице со договор на дело, како онлајн медиум – интернет-портал со мал и/или специјализиран опфат, односно ќе го избрише издавачот на онлајн медиумот – интернет-порталот од Регистарот на издавачи на онлајн медиуми – интернет-портали како онлајн медиум – интернет-портал со мал и/или специјализиран опфат доколку го нема потребниот број на вработени, односно ангажирани лица согласно со член 15 став (3) алинеја 4 од овој закон“,
стои во ставот 12 од членот 5.

Инаку, со измените на Законот, првпат се пропишува за издавач на медиум да се смета правно или физичко лице кое врши комерцијална или непрофитна дејност на публикување информативни, образовни и информативни содржини преку онлајн медиуми – интернет-портали.
Сите портали кои ќе сакаат да се идентификуваат како медиуми ќе мора да влезат во регистар што ќе го води Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Измените предвидуваат дека Регистарот на издавачи на онлајн медиуми – интернет-портали се води во
електронска форма и содржи податоци за:
- фирмата и седиштето, односно назив и адреса на издавачот на онлајн медиум –
интернет-портал; - име и презиме на одговорното лице на издавачот на онлајн медиум – интернет-портал;
- името на онлајн медиумот – интернет-порталот;
- интернет адреса на онлајн медиумот – интернет-порталот и
- регистрантот на македонскиот .мк или .мкд интернет-домен.
Засега не се предвидени некакви поволности за интернет-порталите што ќе бидат дел од Регистарот, иако повеќепати и јавно се зборуваше дека со измени на Изборниот законик треба да се предвиди дека само тие ќе може да се пријават за платено политичко рекламирање за време на избори. Се споменуваат и потенцијални субвенции од државниот буџет по примерот за други видови медиуми.