Преодната влада се избира на 100 дена пред изборите кои се закажани за 8 мај, а ќе функционира до изборот на новата влада. Ова е трета преодна или техничка влада од 2016 година наваму. Премиер на техничката влада во 2016 година беше Емил Димитриев, додека во 2020 година функцијата ја извршуваше Оливер Спасовски
Собранието денеска ќе ја одржи 141. седница на која треба да биде избрана техничката влада која во следните 100 дена ќе раководи со извршната власт до завршувањето на парламентарните избори закажани за 8 мај.

Почетокот на седницата е закажан за 11 часот, а пратениците треба да ја изгласаат преодната влада најдоцна до полноќ.
Мандатарот за состав на техничката влада Талат Џафери вчера до Собранието ја достави програмата и предлог-составот на новата влада, која се избира со апсолутно мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, односно за неа треба да гласаат најмалку 61 пратеник.
Џафери до Собранието поднесе целосно пополнет предлог-состав на преодната влада, вклучувајќи ги и кандидатите за министри и дополнителни заменик-министри од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Завчера Собранието ја констатира оставката на досегашниот спикер Талат Џафери, по што претседателот на државата Стево Пендаровски му го врачи мандатот за состав на идната влада. Денешната седница ќе ја води Јован Митрески од СДСМ, кој во петокот беше избран за нов претседател на Собранието.
Во програмата што ја поднесе Џафери, објавена на веб-страницата на Собранието, меѓу другото, пишува дека врвен приоритет на Владата е подготовка и организирање на слободни, фер и демократски редовни претседателски и парламентарни избори на 24 април и 8 мај.
Во неа, исто така, се наведува дека Владата ќе се залага за продолжување на сите процеси кои произлегуваат од започнатите пристапни преговори со со Европската Унија, раст и развој на економијата, пораст на животниот стандард преку зголемување на минималната и просечната плата, пензиите, како намалување на инфлацијата и одржување на ценовната стабилност, владеење на правото, борба против корупцијата и криминалот и продолжување на реформите на сите државни нивоа.
„За таа цел владата врз основа на широкиот меѓупартиски дијалог ќе овозможи ефикасно имплементирање на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и останатите меѓународни организации со цел да се овозможат највисоките европски стандарди во процесот во изборната кампања и самите избори, односно да се одржат избори со целосен легалитет, легитимитет и консензуално прифаќање на изборната волја на граѓаните“,
се наведува во програмата на мандатарот Џафери.
ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за техничката влада
Вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го повтори ставот дека нејзините пратениците нема да гласаат за техничката влада, иако партијата достави предлози за технички министри. Тој рече дека нема никакви очекувања ниту од техничкиот премиер Талат Џафери.
„Тоа е човекот којшто од почеток до крај, како претседавач во македонскиот парламент, направил многу противуставни и противзаконски потези. Очекувам продолжување на лошите политики. Иако можеби некогаш сме биле едногласни дека од ова полошо нема, мислам дека тоа е песимистички став, треба да сме оптимисти, сепак очекувам дека во овие сто дена ќе биде полошо“,
изјави Мицкоски вчера.

Од друга страна, лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, преку видеообраѓање вчера рече дека 28 јануари е историски ден бидејќи се гласа за прв премиер Албанец.
„Овој ден е историски како за Албанците така и за Македонците и за сите други бидејќи стануваме рамноправна држава и општество и ги надминуваме сите предрасуди. Заедно ја преземаме одговорноста да ја водиме државата, не еден по друг, туку рамо до рамо еден до друг, заедно, за европска Македонија“,
рече Ахмети.
Предлог-составот на техничката влада
Во предлог-составот на преодната влада што Џафери го достави до Собранието за прв заменик-премиер на владата и вицепремиер за европски прашања е предложен Бојан Маричиќ, додека Артан Груби ќе биде министер за политички систем и односи меѓу заедниците.
Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Панче Тошковски е предложен за министер за внатрешни работи, а Ѓоко Велковски за министер за труд и социјална политика.
На досегашните места остануваат Кренар Лога – министер за правда, Бујар Османи- министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши – министер за економија, Љупчо Николовски – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Фатмир Меџити – министер за здравство, Јетон Шаќири – министер за озбразование, Ристо Пенов – министер за локална самоуправа, Бисера Костадиновска Стојчевска – министерка за култура, Азир Алиу – министер за информатичко општество и администрација, Благој Бочварски – министер а транспорт и врски, Каја Шукова – министерка за животна средина и Фатмир Битиќи, министер без ресор задолжен за економски прашања и Славица Грковска, министерка без ресор задолжена за политики за добро владеење.
Се очекува по изгласувањето на техничката влада, во Собранието да се одржи уште една пленарна седница на која ќе се гласа за дополнителните заменици министри, како и да се верификува мандатот на еден пратеник кој ќе дојде на местото на Талат Џафери.

СДСМ во техничката влада го предложи Митко Бојмацалиев за дополнителен заменик министер за внатрешни работи, а досегашната министерка Јованка Тренчевска ќе биде дополнителна заменилка министерка во труд и социјала.
ВМРО-ДПМНЕ за дополнителен заменик– министер за финансии ја предложи Елена Петрова, за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски, а за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
Преодната влада се избира на 100 дена пред изборите кои се закажани за 8 мај, а ќе функционира до изборот на новата влада. Две недели претходно ќе се одржат претседателските избори.
Ова е трета преодна или техничка влада од 2016 година наваму. Премиер на техничката влада во 2016 година беше Емил Димитриев, додека во 2020 функцијата ја извршуваше Оливер Спасовски.