Заврши расправата по предложените дополнувања за Законот за јавни набавки кои според предлагачот, се за да се овозможи пофлексибилен начин на исплата на аванс за јавните набавки кои се директно поврзани со мерките за справување со пандемии и епидемии на заразни болести
Собранието попладнево ја заврши расправата по неколку предлог-законски измени и дополнувања кои се на невен ред на 32-та седница – на Законот за јавните набавки, по скратена постапка, на Законот за чек, за давање на финансиски услуги на далечина, во прво читање, потоа Предлог на завршна сметка на Буџетот за 2019 година, како и измените и дополнувањата на Законот за комплементарна и алтернативна медицина, во прво читање.
Поради немање кворум, гласањето по овие точки ќе биде дополнително закажано.
Во текот на попладневниот дел од седницата, предлагачите го повлекоа Предлог на закон за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, по скратена постапка.
Најбурна дебата имаше за дополнувањата на Законот за јавни набавки, кои според предлагачот, се за да се овозможи пофлексибилен начин на исплата на аванс за јавните набавки кои се директно поврзани со мерките за справување со пандемии и епидемии на заразни болести, согласно со воспоставената практика на производителите на потребни средства на глобално ниво.
За опозициската ВМРО-ДПМНЕ ова се прави задоцнето, посочувајќи го случајот со набавката на кинеските вакцини, за што пишуваше италијанскиот весник „Ла верита“.
„Зошто измената да ја носиме постфестум кога повеќе не ни е потребна? Зошто се ваквите измени, кога минатиот период видовме дека една ваква измена не е воопшто потребна. Затоа што, Владата преговарала и договарала, плаќала одредени провизии, без тоа да биде согласно Законот за јавни набавки“,
рече пратеничката Ели Панова.
Пратеникот Панчо Минов рече дека дополнувањата на законот не се само за набавка на вакцини туку и за други средства, кои се неопходни за решавањето на проблемите произлезени од пандемијата со ковид-19.