И денеска во тензична атмосфера продолжи расправата за Информацијата за Предлог-преговарачката рамка со Европската Унија. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, на собраниската говорница рече дека во изминатите три дена многу прецизно се гледа кој е предавник, а кој ги брани интересите на Северна Македонија.
„Не го потценувајте народот, многу е попаметен и од што мислите и од што ќе ви каже, и од што чувствувате. И кога ќе се видите на улица, ако ви се насмее, во суштина, во себе го има гневот и ве пцуе длабоко во себе, затоа што знае што правите. Народот знае каде ја водите работата. Да бидете свесни за таа работа“,
рече Николовски.
Според него, ова што се случува денеска е злосторство на цел еден народ.
„Ова што се случува денес е триумф на 150-годишна империјалистичка бугарска политика. Прочитајте малку во историјата, од основањето на бугарската држава во 1878 година на која и претходи основањето на бугарската егзархија во 1871, стратегијата и позициите се исти, непроменета, без разлика дали Бугарија била кнежество, царство, била во комунизам, или денес демократска Република, стратегијата е непроменета. А, таа е дека помеѓу Македонија и Бугарија постои вештачка граница што треба да се урне затоа што во Македонија живее доминантно бугарско население кое говори на бугарски дијалект. Тоа е тоа што го имате во предлогот којшто не сакаа ниту да го поделат од Влада“,
истакна Николоски.
Пратеничката од СДСМ, Снежана Калевска Ванчева, пак, вели дека најголемата трагедија што ВМРО-ДПМНЕ ја направило е поделбата на македонскиот народ и граѓаните да немаат консензус за историските прашања.
„Жално е што не успеавте да се надминете себеси и да подадеме рака и заедно да направиме нешто што може да не води напред. Дали е ова идеален предлог? Сигурно не. Дали имаме вековни проблеми со Бугарија? Да. Овој народ овде имал многу премрежја, но треба ли уште да војуваме? Не треба да градиме мостови? Треба да ги рушиме? Јас сакам да градам мостови, за мене, за моите деца, за моите внуци, за моите граѓани. Истото тоа го сакаат и моите пратеници, мојата партија“,
рече Калевска Ванчева додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ не знае што значат државните и национални интереси и дека не успеа со лагите да ги злоупотреби граѓаните.
Расправата сѐ уште трае, а претседателот на Демократска партија на Србите во Македонија, Иван Стоиљковиќ, е последниот пратеник кој има збор.