Претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност, Миле Талевски, кој е регистриран како отсутен од собраниската седница, вели дека, неочекувано, пресот се развлекол и го промашил гласањето, а на пресот повикувал токму сите пратеници да гласаат „за“
Пратениците на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, се единствените што се изјаснија ,,против” на денешното гласање во Собранието со кое беа ратификувани протоколите за пристапување на Република Финска и на Кралството Шведска во НАТО.
Според официјалниот список од гласањето, во собраниската сала биле присутни 105 пратеници од кои 103 гласале „за“ и двајца “против“. Во моментот на гласање во салата не биле присутни 15 пратеници.

За ратификување на протоколите гласаа пратеници и од владејачкото мнозинство и од опозицијата.

На седницата за ратификувањето на протоколите не беа тројца пратеници од владејачката коалиција – Диме Велковски и Миле Талевски од СДСМ, како и Мендух Тачи од ДПА.
Од пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на гласањето не присуствуваа пратениците Игор Здравковски, Александар Николоски, Жаклина Пешевска, Ангелинка Петкова, Петар Ристески, Гордана Силјановска-Давкова и Синиша Стојаноски.
Од партнерите во коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ на сесијата не беа двајцата пратеници на Социјалистичка партија на Македонија – Љупчо Димовски и Стојан Миланов, како и пратеникот од Демократска партија на Србите во Македонија, Иван Стоилковиќ.
Од опозициските пратеници не беа присутни уште двајца од Алијанса за Албанците и тоа Абдула Салиу и Сурија Рашиди.
Талевски држел прес и го промашил гласањето
Впечатливо е отуството на пратеникот од СДСМ Миле Талевски, кој е претседател на собраниската Комисија за одбрана и безбедност. Токму во моментите на гласање, тој држел прес-конференција во Собранието. За „360 степени“ Талевски вели дека неочекувано пресот се развлекол и го промашил гласањето, а токму на пресот повикувал сите пратеници да гласаат „за“.
„Пратеничката група на СДСМ и парламентарното мнозинство ќе дадат поддршка и ќе гласаат ‘за’ ратификацијата на протоколите. Затоа што знаеме колку е важно членството во НАТО и колку е важно приклучувањето да се одвива што е можно побрзо. Ги повикуваме сите пратеници од сите политички партии да дадат поддршка и протоколите да бидат ратификувани и со тоа Шведска и Финска да бидат чекор поблизу до полноправно членство во НАТО“,
рече Талевски на прес-конференцијата.
Џафери посака брзо заокружување на процедурите
Седницата ја следеа претставници на дипломатскиот кор во земјава, меѓу кои и нерезидентиот амбасадор на Република Финска и амбсадорката на Кралството Шведска во Северна Македонија.

Ратификувањето на протоколите беше поздравено со аплауз, а претседателот на Собранието, Талат Џафери, рече дека пред нешто повеќе од две години Северна Македонија беше во слична ситуација како Финска и Шведска.
„Чекавме околу две години за заокружување на процесот на полноправно членство во НАТО. Со оваа наша денешна одлука што нашето Собрание ја усвојува за нашите пријатели Република Финска и Кралството Шведска да станат полноправни членки на НАТО, со надеж дека овој процес на најбрз можен начин ќе заврши во сите парламенти, им посакувам што пократок пат и успеси во големото семејство на НАТО“,
рече Џафери
Досега 18 од 30 земји членки на НАТО го одобрија зачленувањето на Финска и Шведска. Северна Македонија е деветнаесетта.