Ќе побараме да се избегнува давање согласност за вработување од Министерството за финансии и од МИОА, рече главниот ревизор Ацевски, во текот на расправата за Годишниот извештај на ДЗР
Во Државниот завод за ревизија треба да бидат зголемени човечките ресурси, за ревизиите да се прават побрзо, оцени пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, на денешната собраниска седница, на која се расправаше за Годишниот извештај на ДЗР за 2020 година. Милошоски посочи дека се потребни ревизии за општините, откако дел од новите градоначалници пријавиле големи долгови од своите претходници.
Главниот државен ревизор, Максим Ацевски, потенцира дека во последните две години буџетот на ДЗР бил зголемен за 40 отсто.
Тој се согласи со Милошоски дека е потребно кадровско доекипирање.
„Ќе побараме избегнување на давање согласност за вработување од Министерството за финансии и Министерството за информатичко опшество“,
рече Ацевски.
Собранието, меѓу другото, ја заврши расправата по измените и дополнувањата на законите за социјална заштита и за заштита на деца, со кои се предвидува унапредување на правата на децата со посебни потреби.
За Годишниот извештај на ДЗР, како и за другите предлог-закони, по кои Собранието го заврши општиот претрес, пратениците ќе гласаат на едно од наредните продолженија на седницата.