Сите понатамошни информации ќе бидат навремено доставени до јавноста од надлежните институции, велат од Собранието
Здравствената состојба на спикерот Африм Гаши е стабилна, а во моментов се вршат детални лекарски прегледи, информира собраниската прес-служба откако синоќа тој бил хоспитализиран на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија поради преплет на цревата.
„Ја информираме јавноста дека тој вчера беше хоспитализиран на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија. Здравствената состојба на г. Гаши е стабилна, а во моментов се вршат детални лекарски прегледи. Сите понатамошни информации ќе бидат навремено доставени до јавноста од надлежните институции“,
велат од Собранието.
Оттаму нема детали како ќе работи законодавниот дом и дали се откажани некои од активностите на Гаши.
Претходно, директорот на Клиниката, доктор Огнен Костовски, во изјава за „360 степени“ потврди дека претседателот на Собранието е примен во болница со преплет на цревата. Во моментов, како што кажа оттаму, пациентот е подобар, се лекува медикаментозно и засега не се планира хируршка интервенција.
Вчера попладне собранискиот претседател Африм Гаши беше во посета на Тетово во рамки на практиката за посета на општините. Таму се сретна со коалицискиот партнер од ВЛЕН, тетовскиот градоначалник Билал Касами.