Разговорите на техничко ниво ќе продолжат следната недела во Виена, седиштето на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ)
Индиректните преговори помеѓу меѓу Соединетите Американски Држави (САД) и Иран траеја неколку часа, а завршија без голем пробив како финализиран договор, но со индикации дека двете страни постигнале напредок, пренесува Си-ен-ен.

Министерот за надворешни работи на Оман, Бадр ал-Бусаиди, кој посредуваше во разговорите во Женева, рече дека е постигнат значаен напредок, но не даде повеќе детали.
Според него, разговорите на техничко ниво ќе продолжат следната недела во Виена, седиштето на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), надзорен орган на Обединетите нации што веројатно би бил клучен во секој договор.
Како што информира Си-ен-ен, за време на паузата во денешните разговорите, двете страни направија некои незначителни прилагодувања на своите почетни позиции, што е доволен сигнал дека преговорите биле сериозни.
Американскиот претседател Доналд Трамп посакува договор што драстично би ја ограничил нуклеарната програма на Иран и смета дека треба да ја искористи можноста, бидејќи иранските власти се соочуваат со растечко несогласување по протестите низ целата земја.
Двете страни минатата година одржаа повеќе рунди разговори кои пропаднаа кога Израел започна 12-дневна војна против Иран во јуни, а САД започнаа тешки напади врз неговите нуклеарни постројки, оставајќи голем дел од нуклеарната програма на Иран во урнатини, а целосниот обем на штетата останува нејасен денес.
Се уште не е познато кој ќе присуствува на планираните технички разговори следната недела од американска страна.
