Мицкоски рече дека измените за кои веќе разговарал со координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието треба помогнат и во решавањето на проблемот со дивите депонии, односно во нив да биде предвидено несовесното одлагање отпад да се казнува со затворска казна поголема од пет години
Премиерот Христијан Мицкоски смета дека под итно треба да се донесат законски измени со кои подметнувањето пожар ќе се оквалификува како тероризам.

За ова, како што кажа премиерот одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на Јегуновце, веќе разговарал со координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, Никола Мицевски.
Покрај подметнувањето пожар да се третира како тероризам, Мицкоски рече дека измените за кои било разговарано треба помогнат и во решавањето на проблемот со дивите депонии, односно во нив да биде предвидено несовесното одлагање отпад да се казнува со затворска казна поголема од пет години.
„Во рамките на парламентарната процедура разговарав со координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ итно да имаме измени во законите со коишто подметнување пожар ќе биде оквалификувано како дело на тероризам, а одлагање на смет онаму каде што не му е местото ќе биде друго кривично дело коешто ќе се казнува со казна затвор поголема од пет години“,
изјави Мицкоски.
Дополнително, премиерот рече дека уште во текот на вчерашниот ден Министерството за животна средина и просторно планирање испратило допис до сите општини под итно да преземат мерки за расчистување на дивите депонии и сметот да се одложи таму каде што му е место.
„А, јас ги повикувам и несовесните граѓани коишто ги формираат овие диви депонии да престанат да ги формираат затоа што сите оние коишто ќе бидат фатени ќе бидат најстрого казнети“,
кажа Мицкоски, одговарајќи на прашање дали кога доаѓал кон Јегуновце ги забележал дивите депонии кај Сиричино и дали владата планира да преземе нешто во врска со овој проблем.
Премиерот претходно изјави дека се идентификувани дваесетина лица за кои постои основано сомневање дека стојат зад пожарите што се случија во последниот период и ги повтори наводите за центри на моќ кои се обидуваат да внесат страв и паника кај граѓаните пред избори.
Истовремено, како што додаде тој, имаат и одредени сознанија што биле собрани изминативе денови и по кои Министерството за внатрешни работи заедно со Министерството за животна средина ќе постапуваат во следните денови.
Изјавите на премиерот Мицкоски доаѓаат по пожарите што изминатиот период се случија на дивата депонија Вардариште, депонијата „Дрисла“ и стихијата во објект на фирма за третирање електронски отпад во скопското село Трубарево.
Мицкоски денеска го коментираше и пожарот и во сервис за возила во населбата Пинтија за кој рече дека е уште еден доказ за тоа што го зборува, односно дека постојат центри кои, како што кажа, се обидуваат да внесат страв и паника кај граѓаните пред избори.