„ДУИ го спасува Мицкоски. Му фрлија гума за спасување. На овој начин ВМРО со поддршка на ДУИ сака да го покрие најголемиот наркоскандал со пет тони дрога кој води до врвот на владата на Мицкоски. Но, и бројните скандали со криминални тендери на кои повеќе од 80 дена нема никакви одговори“, рече Кузеска на денешната прес-конференција
По денешниот театар на македонската граница веќе на сите им е јасно дека бегството на ексвицепремиерот Артан Груби беше политички договор. Како што се договорија да го пуштат, така сега се договорија и да се врати. Ова е денешната реакција од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), која на прес-конференција ја соопшти портпаролката на партијата, Богданка Кузеска, откако утрово поранешниот прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците од редовите на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Артан Груби, се појави на граничниот премин „Блаце“, по што веднаш беше приведен од полицијата.

Според СДСМ, со приведувањето на Груби се прави политички дефокус, но и заштита на власта.
„ДУИ го спасува Мицкоски. Му фрлија гума за спасување. На овој начин ВМРО со поддршка на ДУИ сака да го покрие најголемиот наркоскандал со пет тони дрога кој води до врвот на Владата на Мицкоски. Но, и бројните скандали со криминални тендери на кои повеќе од 80 дена нема никакви одговори“,
рече таа.
Потоа, таа ги наброја случаите што изминатиот период ги објавуваше партијата, како 161 тендер за семејна фирма на Ивица Томовски, директорот на СОЗР, 51 тендер за „Пирамид билдинг“, 74 тендери за „Ленди груп“, 9 милиони евра за фирма со двајца вработени, 1,2 милиони евра тендер преку „Пошта“ за фирма блиска до ЗНАМ.
Власта, како што вели Кузеска, не се бори против криминалот и корупцијата, а ваквите апсења се договорена кампања поради падот на рејтингот на Мицкоски.
Според неа, Мицкоски секогаш кога е во пад, по копи-пејст рецепт на српскиот претседател Александар Вучиќ најавува некое апсење.
„Немаат одговор за скандалите, па веднаш прават дефокус. Нема одговор за пет тони дрога, веднаш има 100 тони запленета марихуана од Струмица. Со ‘лесни македонски перници‘, на овој начин пет тони дрога била пренесена преку границата. Значи, замешани се и од царината и од полиција, и од други институции под контрола на владејачката структура и на Мицкоски. Се отвори прашањето кој од актуелните функционери во Владата на Мицкоски ќе одговара, па затоа им е потребен Артан Груби“,
вели Кузеска.
Според неа, целта на владејачката партија е повторно да се поврзе СДСМ до ДУИ, исто како што за многу случаи изминатите недели ги поврзуваа со двете партии.
„А вистината е дека ВМРО-ОКГ се во дил со ДУИ. Власта го презема судството и Обвинителството под своја контрола, се рушат предметите на СЈО и сега е вистинското време Груби да се предаде. Кој се смее кога го апсат? Како нема ниту една камера за пет тони дрога, а има камери за Груби“,
кажа таа.
На крајот од нејзиното излагање, Кузеска вели дека ова нема да помине и оти секој што го прекршил законот ќе одговора.
Претходно и владејачката коалиција ВЛЕН се огласи по приведувањето на Груби на ГП „Блаце“, велејќи дека откако ДУИ катастрофално изгуби на локалните избори минатата година и паднаа во вода сите лажни ветувањата на нејзиниот лидер Али Ахмети за предвремени избори и наводен влез во владата, на Груби не му останува ништо друго освен да се соочи со соочи со сопствените гревови.
Дополнително од коалицијата прашуваат и дали Груби сега ќе им го зададе фаталниот удар на Ахмети и ДУИ.
„Но, кој сè ќе оди курбан заедно со него допрва ќе видиме“,
велат од ВЛЕН.
Според официјалното соопштение на Министерството за внатрешни работи (МВР), поранешниот прв вицепремиер и министер Артан Груби, кој повеќе од една година беше во бегство, утринава во 6:10 часот се појавил на косовско-македонската граница и при влез во земјава е приведен.
Груби е во бегство од декември 2024 година, откако Обвинителството отвори истрага за случајот со проневери во „Државна лотарија“, во кој беше осомничен и лично тој.
Од Основниот кривичен суд Скопје денеска соопштија дека засега нема никакви промени во постапката и дека Груби е во Шутка бидејќи Кривичен веќе има определено 30-дневен притвор кој почнува да се спроведува по негово обезбедување.
Од Кривичен велат дека доколку има некои нови барања, тоа прво ќе биде преку Обвинителството, а потоа во Судот.
