Одбраната на поранешниот министер за економија Крешник Бектеши на вчерашното рочиште ги отфрли наводите на Обвинителството, посочувајќи дека тој како министер не постапил спротивно на законските надлежности, ниту Министерството со кое управувал има законска обврска да врши инспекциски надзор
Во судницата во Идризово денеска треба да продолжи судскиот процес за пожарот во т.н. кабаре „Пулс” во Кочани во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Судењето е во фаза на воведни зборови на одбраната.

Денешното рочиште треба да започне со воведен говор на одбраната на 26-тообвиниетиот Шофкет Хазари од Министерството за економија.
По него треба да следуваат воведните говори и на одбраната на Зоран Николовски, Беким Хаџиу, Арлинда Касапи и Размена Чекиќ Дуровиќ, исто така службеници од Министерството за економија. Воведен збор треба да дадат и пазарните инспектори Миле Ампов, Блашка Евтимова, Весна Кузмановска и Емил Митев, а преостанува и воведниот збор на обвинетиот Александар Нацев, сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, чија постапка беше споена со оваа непосредно пред почетокот на судењето.
На обвинителна клупа се 35 физички и три правни лица.
Одбраната на поранешниот министер за економија Крешник Бектеши ги отфрли наводите на Обвинителството, посочувајќи дека тој како министер не постапил спротивно на законските надлежности, ниту Министерството со кое управувал има законска обврска да врши инспекциски надзор.
За пожарот одбраната наведе дека е предизвикан од пиротехника која незаконски била употребена и несоодветна за затворена просторија, без задолжително одобрување од МВР за користење во затворен простор.
Одбраната на Бектеши кажа и дека тој нема ставено потпис на ниту една лиценца за работа на „Пулс“, односно дека на нив бил ставен факсимил, што се употребувал и кога ексминистерот бил надвор од државата.
Одбраната на поранешниот министер за економија Ваљон Сараќини, во својот воведен говор рече дека лиценците согласно закон имаат важност од една година, а лиценцата од 2012 година не значела дозвола на „Класик М“ да обавува дејност на друга локација, да биде дискотека наместо кабаре, да прима прекумерен број луѓе и малолетни деца пред или по полноќ и во неа да се внесуваат и користат пиротехнички средства на недозволен начин.
Одбраната на поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Аднан Џаферовски, пак, оцени дека обвинението е правно погрешно и без факти кои го поврзуваат со трагичниот пожар. Неговата бранителка, адвокатката Сузана Јошевска предупреди дека постапката се темели на „попис претворен во обвинителен акт“ и дека „ниту еден системски пропуст не создава индивидуална кривична одговорност“.
Џаферовски лично порача дека „совеста му е апсолутно чиста“ и дека верува во „чесноста на правдата и праведноста на судот“.
Поранешниот директор на ДЗС, Шабан Салиу, во својот воведен говор кажа дека во периодот од 2012 до 2017 година во ДЗС никогаш не пристигнале документи со барање за давање согласност или мислења од страна на кабарето „Пулс“, ниту барање или пријава од правни или физички лица за објектот.
Последен на вчерашното рочиште воведни зборови даде адвокатот Насер Рауфи, бранител на обвинетиот службеник во Министерството за економија, Џеваир Камбери. Инаку, Камбери е единствениот од обвинетите кој освен за тешки дела против општата сигурност се товари и за примање поткуп.
Во однос на второто дело, Рауфи рече дека не станувало збор за поткуп, туку за позајмица. Дека сè било регуларно, според Рауфи, покажува тоа што сè одело преку банка. Станувало збор за две суми, едната од 12 000 и другата од 226 000 денари. И тој, како и другите бранители, ги отфрли наводите од обвинителниот акт дека има поврзан однос меѓу обвинетите, односно дека постои причинско-последична врска, додавајќи дека станува збор за паушални конструкции.
Адвокатите на одбраната на поранешните директори на Дирекцијата за заштита и спасување, безмалку сите наведоа дека Дирекцијата не знаела за објектот, ниту имала можност да изврши вонреден инспекциски надзор затоа што немало таква пријава за „Пулс“.
