Според динамиката на процесот, искази како сведоци на Обвинителството треба да дадат тројца родители
Со искази на правни застапници, односно родители на жртви денеска во судницата во Идризово треба да продолжи судскиот процес за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Според динамиката на процесот, искази како сведоци на Обвинителството треба да дадат тројца родители.
На минатото рочиште во четвртокот завршија воведните говори на одбраната, а исказ даде и првиот сведок на Обвинителството.
Дејан Николов, сопственик на автосервис што се наоѓа во непосредна близина на објектот каде беше „Пулс“, околу два часа одговараше на директни прашања на Обвинителството, а потоа и на вкрстени на одбраната на обвинетите.
Раскажа што се случувало критичната ноќ во кабарето, каде што и самиот бил меѓу гостите со неговиот син, и како помагале во гасењето на пожарот и спасувањето на присутните во објектот.
Во потресното сведочење тој кажа како првин забележал бел чад како излегува од објектот, кој потоа станал густ и црн и почнал се поинтензивно да се шири. Со неговиот син и уште неколку негови другари забележале како од женскиот тоалет излегува чад, а девојчиња се држеле за решетките од прозорецот и барале помош. Во тие моменти тој зел црево и почнал да прска внатре.
„Чичко, прскај нѐ со вода оти така полесно дишеме”,
велеле тие додека неговиот син го молел да ги спаси.
Рече дека се координирал со пожарникарите кои во меѓувреме со агрегат ги исекле решетките од прозорецот од женскиот тоалет. При сведочењето рече оти забележал дека помошната врата од „Пулс“ не е отворена. Претходно, сведокот рече дека додека биле надвор, пред да почне пожарот, дошла полиција околу два часот. На прашање на обвинителот кажа дека имало седум-осум униформирани полицајци, а ако имало во цивил, не можел да ги препознае.
На прашањето дали некогаш го прашал Дејан Јованов-Деко зошто помошната врата била затворена, рече дека тоа го направил еднаш одамна, а одговорот што го добил бил дека тоа е за да не влегуваат луѓе без билет. Николов кажа и дека додека горел „Пулс“, се чувствувал чуден мирис на изгорена пластика. Инаку, на почетокот на неговото сведочење, одговарајќи на прашања на обвинителот, Николов рече дека објектот каде што се наоѓал „Пулс“ претходно бил магацин за чанти, а пред тоа текстилна конфекција.
Кажа дека Јованов го зел под закуп во 2012 г. и почнал со внатрешна реконструкција. Даде опис на изгледот на објектот одвнатре, од тоа што го видел кога наминувал на муабет и цигара. Кажа дека имало скали на две нивоа, кои воделе до клубот, а внатре имало два шанка врз кои имало две платформи. Кажа и дека кабарето било реновирано во 2024 година кога биле тргнати двете тераси и имало измени кај бината, каде што настапувале музичарите. Токму на овие прашања реагираа адвокатите од одбраната како при директното, така и при вкрстеното испрашување. Дел од нив рекоа дека сведокот нема соодветно образование за да зборува за реновирањето на објектот, за што говори и терминологијата што ја употребува при одговарањето на прашањата.

Во судницата утрово со полициски комбиња беа донесени обвинетите на кои им е определена мерка притвор.
За пожарот во Пулс се обвинети 35 физички и три правни лица. Меѓу нив се сопственикот на „Пулс“, негови блиски, инспектори на државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата што го обезбедувала т.н. кабаре и нејзиниот сопственик.
На почетокот на судскиот процес сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и ја оспорија тезата на одбраната дека има каузална односно причинско-последична врска меѓу нивните дејствија и причината за смртоносниот пожар.
