Докторот додава дека со овој закон ќе бидат поштедени непушачите од изложеност на пасивно пушење, како во угостителските објекти, така и во автомобилите

Рестриктивните мерки во новиот закон против пушењето ќе донесат долгорочни придобивки за јавното здравје, а особено се значајни за заштита на најмладите од пасивно пушење, истакнува пулмологот алерголог, проф. д-р Дејан Докиќ во изјава за МИА.
Тој вели дека со спречување на пасивното пушење, значително ќе се намали бројот на несакани здравствени последици што можеби не се веднаш видливи, но долгорочно ќе придонесат за создавање поздрава нација.
Иако новиот закон смета дека е доста рестриктивен, Докиќ вели дека неговата примена е неопходна за доброто на целото општество.
Пред сè, додава докторот, со овој закон ќе бидат поштедени непушачите од изложеност на пасивно пушење, како во угостителските објекти, така и во автомобилите.
Според него, законот е значаен чекор кон подобрување на јавното здравје, а особено важно вели дека е тоа што се предвидува заштита на децата, со забраната за пушење во нивно присуство, особено во затворени простори.
„Децата се највулнерабилната група и тие најмногу ги чувствуваат штетните последици од пушењето, поради што нивната заштита е од примарно значење за нашето општество. Ова го сметам за еден од клучните и најпозитивни бенефити на законот“,
додаде Докиќ.
Исто така, како што нагласи докторот, ригорозните мерки можат да дејствуваат мотивирачки кај дел од пушачите да размислат за прекин на пушењето.
„Секако, на тие лица треба соодветно да им се помогне, со цел да се намали бројот на пушачи во земјата. Со тоа не само што ќе се подобри квалитетот на живот на граѓаните, туку и ќе се продолжи животниот век, особено доколку со пушењето се престане навреме“,
додава тој.
И министерот за здравство Азир Алиу вели дека законот за заштита од пушење, кој сè уште не е донесен, не е против пушачите, туку дека целта со него пред сè е да се заштитат непушачите, кои се околу 50 отсто од населението, а истовремено на пушачите да им помогне да се откажат од консумирањето цигари.
Тој вели дека и пасивните пушачи се во ризик-фактор на население и може да се соочат со здравствени проблеми.
Поврзани вести:
- Aлиу: Целта со законот е да ги заштитиме непушачите кои се 50 отсто од населението
- Алиу: Предлог-законот за забрана за пушење е на ЕНЕР, заинтересираните можат да учествуваат во јавната дебата
- Се забрануваат електронски цигари со вкусови и пушење во автомобил во присуство на дете – објавен предлог-законот за заштита од пушење
- Алиу: Бизнисите нема да се затворат бидејќи со законот не се забранува пушење цигари
