Основниот кривичен суд Скопје го отповика рочиштето кое требаше да се одржи минатата недела, односно на 19 февруари, поради влошена здравствена состојба на обвинетиот Гроздан Милковски, кој, како што соопштија тогаш од судот, бил на лекување во болницата во Кочани
Со искази на сведоци предложени од Јавното обвинителство денеска во судницата во Идризово треба да продолжи судењето за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

На минатите рочиште беа сослушани повеќе сведоци, кои кобната вечер биле во објектот. Во своите искази тие ја опишаа атмосферата на паника и хаос што настанала во моментот кога пламените јазици и чадот ја зафатиле преполната дискотека, како и последиците што ги трпат до денес.
Од исказите на дел од досегашните сведоци можеше да се слушне дека освен пејачот на групата ДНК, Панчо (Владимир Блажев), никој друг не ги повикал гостите да излезат надвор кога почнал да гори покривот на објектот, како и дека единствен излез бил главната врата, каде што настанало стампедо.
За денешното рочиште, како што е најавено, треба да бидат сослушани уште пет сведоци.
Основниот кривичен суд Скопје го отповика рочиштето кое требаше да се одржи минатата недела, односно на 19 февруари, поради влошена здравствена состојба на обвинетиот Гроздан Милковски, кој, како што соопштија тогаш од судот, бил на лекување во болницата во Кочани.
Инаку, Гроздан Милковски е сопственик на објектот во кој се наоѓал „Пулс“. Тој му го издал објектот на сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов-Деко, но, како што кажа на рочиштето на 2 декември, не знаел дека тој ќе го преадаптира во кабаре.
Родителите на загинатите во пожарот на протестниот „Марш за ангелите“ во саботата реагираа на, како што рекоа, забавената динамика на закажување рочишта во судскиот процес.
Тие рекоа дека пред почетокот на судењето добиле јасно и гласно ветување од судиите и обвинителите дека ќе има две рочишта неделно, дека нема да има одложувања со неоправдана причина, дека строго ќе се контролираат лекарските оправдувања, нивната цел, точноста и дали навистина соодветствуваат со фактичката и здравствената состојба на обвинетиот.
Родителите, исто така, наведоа дека слушнале информации за привилегии што им се овозможуваат на обвинети кои се притвор, притоа посочувајќи на информацијата дека на првообвинетиот Дејан Јованов-Деко му бил пронајден телефон во ќелијата, но сè се завршило со опомена од судот.
На претходното рочиште, кое се одржа на 5 февруари, беа сослушани четворица сведоци, двајца пожарникари кои учествувале во гаснењето на пожарот кобната ноќ, како и двајца сведоци – гости во „Пулс“ кога избувнал пожарот.
Пред почетокот на оваа главна расправа, родителите на загинатите во пожарот во изјава за медиумите реагираа дека имаат сознанија оти еден од обвинетите, кој е во притвор во затворот во Скопје, по телефон вршел притисок врз сведоците на Обвинителството. Рекоа дека станува збор за обвинетиот Тодор Јованов, инаку брат на Дејан Јованов-Деко.
Тие ги повикаа надлежните служби да ја проверат информацијата и детално да го проверат телефонот и комуникациите кои се остварени преку овој телефон.

Адвокатот Еленко Миланов, бранител на поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, во изјава за медиумите тогаш реагираше дека судењето продолжува без Обвинителството воопшто да се произнесе во однос на барањето на дел од адвокатите на обвинетите во однос на правната квалификација што им се става на товар на нивните клиенти, а која е истоветна со онаа за која се гонеа седуммина полициски службеници, пред Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ја запре постапката за нив.
За пожарот во Пулс се обвинети 35 физички и три правни лица. Меѓу нив се сопственикот на „Пулс“, негови блиски, инспектори на државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата што го обезбедувала т.н. кабаре и нејзиниот сопственик.
На почетокот на судскиот процес сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и ја оспорија тезата на одбраната дека има каузална, односно причинско-последична врска помеѓу нивните дејствија и причината за смртоносниот пожар.
Судењето ќе го води судијката Диана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
