Министерството за здравство ги поддржува заложбите на медицинските синдикални здруженија за подобар здравствен систем, како и поефикасна здравствена услуга на пациентите, велат од ресорот на Фатмир Меџити, по денешните најави за можни протести и барања за усогласување на платите во јавното здравство.
Од Министерството наведуваат дека на последниот состанок, министерот Меџити со претседателот на Синдикатот на Клинички центар, д-р Предраг Серафимовски, и со д-р Љубиша Каранфиловски – претседател на Самостојниот синдикат за здравство, разговарале за состојбите во здравството, при што биле спомнати повеќе идеи во врска со Клинички центар, специјализациите, подобри услови за работа на здравствените работници и нивно стручно усовршување.
„На состанокот беше договорено дека од септември ќе се одржи работна средба на која подетално ќе се разработат одредени актуелни прашања, меѓу кои и пресметување и исплата на платите во здравствената дејност“,
велат од Министерството за здравство.
Здружени во барањата, Синдикатот на Клинички центар и Иницијативниот одбор за формирање нова синдикална организација денеска порачаа дека состојбата во јавното здравство е алармантна и дека итно бараат усогласување на платите, бидејќи дел од вработените на клиниките земаат плати под минималната. Барањата веќе ги испратиле до Министерството и Фондот за здравство, а ако не добијат соодветен одговор, најавуваат дека се можни и протести.
„Ние бараме со августовската плата да се изврши тоа усогласување со минималната. Доколку тоа не се реши, пред покачувањето најавено во септември, ние ќе почнеме да ги користиме сите законски акти и прописи, тоа значи дека може да има приватни и колективни тужби до Фондот за здравство и до Министерството за здравство, а во согласност со членството, со консултации, може да почнат и протестите“,
потенцира претседателот на Синдикатот на Клинички центар, Предраг Серафимовски.