„Неприфатливо е одлуки кои се од стратешко значење за иднината на земјата да се носат избрзано и своеволно. Одлуките за меѓународната позиција на државата мора да се носат транспарентно, со координација на сите релевантни институции и во согласност со нашите стратешки партнери“, велат од опозициската партијата
На наводите на СДСМ реагираа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, од каде што велат дека делегацијата на Македонија гласала усогласено со САД, а критиките на опозицијата за надворешната политика на Владата не е ништо друго, освен „изворна љубомора и очај за сопствениот политички рејтинг“
Вчерашното гласање на делегацијата на Северна Македонија во Обединетите нации по резолуциите на Соединетите Американски Држави од една и онаа поднесена од Украина и спонзорирана од Европската Унија од друга страна, од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска го оценија како скандалозно, наведувајќи дека ваквите одлуки укажуваат на целосен аматеризам во водењето на надворешната политика на земјата.

Од опозициската партија потсетуваат дека земјава гласаше „воздржано“ за резолуцијата на Украина и ЕУ, со која се осудува агресијата на Москва и дека покрај Унгарија, беше единствената земја од Европа која не го поддржа овој документ.
Дополнително, Северна Македонија гласаше воздржано и за декларацијата за Украина поднесена од САД, иако со одлука на властите во земјава беше нејзин коспонзор.
Од Социјалдемократскиот сојуз велат дека со само еден потег, Владата направила двојна штета кон стратешките партнерства со ЕУ и САД.
„Ставот на СДСМ во однос на војната во Украина е јасен, цврст и усогласен со ЕУ – Русија е агресор и изврши неоправдана и непредизвикана инвазија врз Украина, која е суверена и независна држава. Овој став е принципиелен и непроменет. СДСМ останува доследен на принципите за поддршка на независноста и територијалниот интегритет на Украина, во согласност со меѓународното право и заедничките позиции на Европската унија“, се вели во соопштението на СДСМ.
Според партијата, стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави е од суштинско значење и треба постојано да се гради и зајакнува, но истовремено, македонската дипломатија мора да остане фокусирана на нашиот клучен државен интерес – европската интеграција. Партнерството со САД, се додава, треба да биде во функција на забрзување и успешно завршување на евроинтегративниот процес.
Од друга страна, актуелниот премиер Христијан Мицкоски, велат од СДСМ, ја води меѓународната политика без поширока координација и консултации на важни прашања и прави огромни грешки.
„Неприфатливо е одлуки кои се од стратешко значење за иднината на земјата да се носат избрзано и своеволно. Одлуките за меѓународната позиција на државата мора да се носат транспарентно, со координација на сите релевантни институции и во согласност со нашите стратешки партнери“, велат од опозициската партијата.

Оттаму инсистираат на јасна, конзистентна и усогласена надворешна политика која ќе ги почитува и зајакнува нашите меѓународни партнерства, а истовремено ќе ја води државата кон нејзината примарна стратешка цел – членство во Европската Унија, наведуваат од СДСМ и за утре најавија прес-конференција на која лидерот на партијата, Венко Филипче, ќе ги соопшти во детали ставовите на партијата по однос на овие прашања.
На наводите на СДСМ реагираа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, од каде што велат дека делегацијата на Македонија гласала усогласено со САД, а критиките на опозицијата за надворешната политика на Владата не е ништо друго, освен „изворна љубомора и очај за сопствениот политички рејтинг“.
„СДС лажно се претставуваше како прозападна партија, а всушност е партија на комунисти. СДС лажно се претставуваше за пријател на САД, и го користеше прозападниот сентимент на народот, тоа сега го гледаат и граѓаните и нашите стратешки партнери. Владата на ВМРО-ДПМНЕ е посветена силно на зајакнување на трансатлантското партнерство, му се допаѓа тоа на СДС или не, тоа ќе продолжи“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Генералното собрание на Обединетите нации (ОН), вчера на третата годишнина од руско-украинската војна, ја усвои резолуција подготвена од Киев, а чии спозори беа земјите членки на Европската Унија (ЕУ) и со која повикува на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и се осудува руската агресија на земјата.
Од друга страна, резолуцијата што ја поднесоа Соединетите Американски Држави (САД), а со која се повикува на ставање крај на војната, но без експлицитно да се спомене руската агресија, беше усвоена, но доби поддршка од помалку земји членки на светската организација, откако претходно предложениот текст беше изменет, по амандманите што ги поднесоа дел од земјите.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера, одговарајќи на новинарски прашања, информира дека Македонија е коспонзор на нацрт-резолуцијата на Соединетите Американски Држави (САД) за Украина, без да сподели повеќе детали.
Премиерот не даде конкретно образложение зошто земјава се одлучила да ја поддржи американската, а не предлог-резолуцијата која во исто време ја поднесоа Европската Унија и Украина. Во врска со ова прашање вечера попладне се огласија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, од каде што рекоа дека одлуките за поддршка на резолуциите во ОН се носени врз основа на темелно истражување и анализа на актуелните глобални надворешнополитички движења, утврдените позиции на влијателните меѓународни чинители, заложбата на земјава за зацврстување на мирот, безбедноста и просперитетот во светот, но и стратегискиот интерес за создавање стабилна позиција и градење поцврсти односи со партнерите.