Приходите, како што рече министерката за финансии, се планирани на ниво 3,2 милијарди евра и се помали за 11,5 отсто или за 25,5 милијарди денари во однос на планот
Изменетиот буџет за 2020 година, кој го донесе Владата на вчерашната седница, „тежи“ 3,95 милијарди евра и е за 1,4 отсто поголем во однос на иницијалниот буџет за годинава, соопшти министерката за финансии Нина Ангеловска.
Приходите, како што рече, со ребалансот се планирани на ниво 3,2 милијарди евра и се помали за 11,5 отсто или за 25,5 милијарди денари (414,6 милиони евра) во однос на планот.
Дефицитот е позициониран на 6,8 отсто од БДП, што, како што рече, е во линија на проекциите на Европската комисија.
„Ребалансот е за закрепнување и рестарт на економијата во услови на ковид-19, а целта е реално да се прикажат очекувањата како резултат на здравствениот и економски шок предизвикан од ковид-19“,
рече министерката.
Министерката за финансии посочи дека финансирањето на буџетскиот дефицит ќе се сервисира со поволни средства од меѓународни финансиски институции, повлекување на средства на домашен пазар преку државни хартии од вредност, како и со излегување со еврообврзница на меѓународниот пазар на капитал.
„Ќе се направи најоптималното портфолио кое ќе има најдобра комбинација по трошок и рочност, односно услови за понатамошно сервисирање на долгот“,
рече Ангеловска.
Таа додаде дека јавниот долг со ова би достигнал околу 58 проценти, но оти тоа ќе зависи од тоа колку и како ќе се повлекуваат средствата.
Министерката рече дека рече дека усогласувањето на пензиите е веќе иницијално планирано со трошоците на живот и дека веќе е буџетирано и треба да се реализира, а за стапката на невработеност се очекува таа да биде околу 17 проценти.
Со ребалансот на буџетот нема никакви дополнителни промени на ставката за финансирање на политичките партии.
„Со одлуката за прераспределба меѓу буџетските корисници и фондовите, која беше усвоена пред еден месец, имаше кратење на ставката за финансирање на политичките партии и таа ставка сега со ребалансот на буџетот нема претрпено никаква промена. Во моментов, на таа ставка во таа програма има околу 106 милиони денари во рамки на Министерството за правда“,
рече Ангеловска во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.
