Македонскиот револуционер Гоце Делчев загинал на денешен ден во 1903 година во селото Баница, денешна Грција, во битка со османлиските војски
Во земјава денеска со повеќе настани се одбележуваат 123 години од смртта на македонскиот револуционер и борец за слобода Гоце Делчев.

Централното одбележување ќе се одржи во црквата „Свети Спас“ во Скопје, каде бројни државни делегации, претставници на институции и граѓани ќе положат цвеќе и ќе се поклонат пред вечното почивалиште на Делчев.
Предвидена е и панихида во организација на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), на која е најавено присуство и на премиерот Христијан Мицкоски.
Според најавите, цвеќе пред гробот на Гоце Делчев ќе положи и собраниска делегација вo чиј состав се пратениците Велика Стојкова-Серафимовска и Фатмир Битиќи.
По повод годишнината, во Владата ќе се одржи трибина насловена „Темел на државноста – визија за иднината“, посветена на делото и историското значење на Делчев.
На трибината ќе учествуваат министерката за образование и наука Весна Јаневска, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за култура и туризам Зоран Љутков и директорот на Националната универзитетска библиотека Јовица Никчевски.
Во Собранието, пак, ќе биде доделена државната награда „Гоце Делчев“ за 2026 година за особено значајни остварувања во областа на науката. Годинашни добитници се проф. д-р Михајло Марковиќ и проф. д-р Соња Новотни за делото „Континуитетот на македонскиот јазик I“ (Приказ на лексиката меѓу Слепченскиот патерник, огледало и различна поучителна наставленија).
Во чест на учителската дејност, визијата и мисијата на Гоце Делчев, Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Општина Штип традиционално организираат пригодна манифестација во дворот на Ректоратот на УГД во Ново Село.
Настанот ќе почне со изведба на македонската химна од академскиот хор на Музичката академија под диригентство на Тоше Митрев, по што ќе следува рецитал на студенти по народни инструменти од Музичката академија. Манифестацијата ќе заврши со положување цвеќе пред спомен-бистата на Делчев.
Македонскиот револуционер Гоце Делчев загинал на денешен ден во 1903 година во селото Баница, денешна Грција, во битка со османлиските војски.
По убиството на Делчев на 4 мај 1903-та, неговите посмртни останки се чуваат во Баница, до 1917 година, кога се пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчегот со коските се чуваат во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година се пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.
