На премиерот му е јасно дека Таравари заминува во опозиција. Вели дека тоа нема да предизвика потреси во владата која има речиси двотретинско мнзоинство, но изрази разочарување од потегот на доскорешниот партнер посочувајќи дека Таравари има поддршка од малкумина сопартијци за потегот што го презема
Премиерот Христијан Мицкоски не може да го разбере трансферот на Таравари од власт во опозиција. Денеска, при посетата на скопско Инџиково, Мицкоски рече дека ги слушнал изјавите на актуелниот министер за здравство, но не му се јасни причините за неговото заминување, особено што заминува, како што рече, во прегратките на Али Ахмети и ДУИ.

„Тоа е сепак негова одлука и, убеден сум, одлука на малкумина и дека тоа не е одлука на членството на Алијанса за Албанците и на голем дел од луѓето коишто се дел од оваа влада. Чесно беше и доблесно тоа самиот да го направи, да не је влече за нос владата и граѓаните, но ете, полека но сигурно станува јасно дека тој се враќа назад во прегратката на сите оние коишто повеќе од две децении ја пустошеа, ја криминализираа, ја ограбуваа и ја фрлија Македонија на колена и тоа важи за сите граѓани, без разлика дали се Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци, Срби или останати“,
вели Мицкоски.
Тој рече дека неделава ќе има последна средба со Таравари.
„Јас можам само да му посакам среќа и се надевам дека ќе имаме една завршна средба во текот на неделата на којашто ќе сумираме што е тоа што е направено и да му посакам пред сè добро здравје, тоа е она кое на сите нам ни е најважно. Очекувам оваа недела да имаме едно завршно кафе пиење, а, се разбира, потоа очекувам понатаму, бидејќи владата е стабилна, цврста и има силно мнозинство во парламентот, таа да продолжи со реформскиот процес, со проектите и со испорачување кон граѓаните, бидејќи тоа е она што граѓаните го очекуваат од нас“,
вели премиерот.
Иако спомена дека не сите во Алијансата се согласуваат со Таравари, Мицкоски не прецизира дали некој од членовите на владата ќе си останат или можеби ќе се бара ново партнерство со друг политички субјект, бидејќи со заминувањето на Таравари власта ќе остане покуса за пет пратеници.
„Времето ќе покаже дали ќе биде така. Владата има близу две третини поддршка во парламентот и посветена е на проекти, реформи и одлучна борба против криминалците и корупцијата. За жал, против оние на кои им се придружува Арбен Таравари“,
потенцира Мицкоски.