Во обраќањето на денешната конференција, премиерот нагласи дека е постигната согласност Скопје и Софија заедно да спречуваат недобронамерна пропаганда и заедно да се справуваат со говорот на омраза и да го поразат национализмот

Премиерот Димитар Ковачевски верува дека со неговиот бугарски колега, Кирил Петков, го одбрале вистинскиот пристап како да се надминат отворените прашања.
Ваквиот заклучок тој го истакна во обраќањето на конференцијата БГМК2030 „Граѓански придонес во градење на доверба, заедништво и сојузништво“, организирана денеска во Скопје од „Renew Europe“ и Американски Универзитет на Европа – ФОН.
„Денешниот собир само потврдува дека со бугарскиот премиер Кирил Петков го одбравме вистинскиот пристап и начин кога кажавме дека ќе дадеме политичка иницијатива, но дека сепак организациите коишто се дел од секторите за коишто ние разговаравме се тие коишто треба да ја водат дебатата и коишто треба да направат мостови помеѓу деловната заедница, образовните институции, студентите, граѓаните воопшто“,
рече Ковачевски.
Тој и Петков, рече, ја презеле иницијативата, но граѓанскиот придонес и придонесот од академската заедница е важен елемент на целиот процес.
„Точно е дека испишувањето на новите страници, на односите меѓу двете земји, е поставена на високо ниво и тоа на ниво на влади. Но, јас и премиерот Петков, ја презедовме иницијативата процесот да се води инклузивно од надолу кон горе, односно проектите за унапредување на соработката и на пријателството помеѓу народите на двете земји да дојдат од тие кои се директно засегнати за нив и кои ќе бидат директно задолжени за нивно спроведување“,
рече премиерот.
Ковачевски зборуваше и за заедничката владина седница со Бугарија, како и посетата на Петков една недела претходно и ги оцени како голем исчекор во унапредувањето на билатералните односи. Според премиерот, отворен е искрен и посветен дијалог и со првите чекори поттикнале продлабочување на пријателството, добрососедството и соработката.
Тој нагласи дека е постигната согласност Скопје и Софија заедно да спречуваат недобронамерна пропаганда и заедно да се справуваат со говорот на омраза и да го поразат национализмот.
„Реформски определените влади во Скопје и Софија се посветени на отворање на нови перспективи за развој и напредок на односите меѓу двете земји. Веќе се организира и нова ваква средба којашто ќе биде помеѓу деловните заедници во којашто организација учествуваат ресорните министерства на Република Бугарија и на нашата земја во областа на економијата и финансиите и на којашто ќе учествуваат сите стопански комори од двете држави преку свои претставници, којашто средба ќе се случи исто така во Скопје, а додека другите ресорни групи ќе работат и во Скопје и во Софија, зависно од тоа каде ќе бидат локациите на самите состаноци“,
истакна Ковачевски.