Како дел од имплементацијата на „Безбеден град“, Ѓорѓиевски вели дека Советот на Град Скопје во наредниот период треба да донесе низа одлуки, особено за организација на сообраќајот во централното градско подрачје

Со воведувањето на „Безбеден град“, Скопје започнува суштинска реформа во начинот на управување со сообраќајот заменувајќи ги застарените модели со паметни, адаптивни и технолошки напредни решенија, вели скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Според Ѓорѓиевски, новиот систем во реално време ќе го регулира протокот на возила, ќе ги намали метежите и ќе овозможи побезбедно и поефикасно движење низ градот.
„Наместо застарениот концепт на зелен бран од минатото, воведуваме паметен зелен бран – модерен, адаптивен и иновативен систем кој во реално време ќе го регулира протокот на возила, ќе ги намали гужвите и ќе овозможи побрзо, поефикасно и побезбедно движење низ Скопје“,
напиша Ѓорѓиевски на својот фејсбук-профил.
Ѓорѓиевски со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и стручни тимови од областа на сообраќајот денеска одржал координативен состанок посветен на финалните подготовки за официјално пуштање во функција на „Безбеден град“.
Освен сообраќајната ефикасност, Ѓорѓиевски вели дека „Безбеден град“ има за цел да стави крај на девијантното однесување на улиците. Системот ќе овозможи реакција при нарушување на јавниот ред и мир и заштита на урбаната опрема и јавниот имот.
Како дел од имплементацијата, Ѓорѓиевски вели дека Советот на Град Скопје во наредниот период треба да донесе низа одлуки, особено за организација на сообраќајот во централното градско подрачје.
Овие мерки, вели градоначалникот, ќе донесат значително олеснување на сообраќајниот метеж, подобра организација и поголем комфор за граѓаните.
