Покрај информациите за датумот, времето и местото на одржување на гала вечерта, во поканата до медиумите испратена од електронската адреса на Министерството за животна средина се наведува и дека ќе настапи познатиот тенор Раме Лахај
По повод 24-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, вечерва во македонската филхармонија ќе се одржи гала вечер. Настанот е под покровителство на првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, кој ќе биде и говорник на свеченоста.

Покрај информациите за датумот, времето и местото на одржување на настанот, во поканата до медиумите испратена од електронската адреса на Министерството за животна средина се наведува и дека на гала вечерта ќе настапи познатиот тенор Раме Лахај.
Станува збор за 41-годишен оперски тенор од Косово роден во градот Исток. Познат е по тоа што е еден од првите косовски оперски уметници што настапувале во најпрестижните оперски куќи во светот делејќи ја сцената со познати оперски легенди.
„Растењето во земја управувана од тоталитарен режим со години имало значително влијание врз раниот живот на Лахај. Тој имал само 15 години кога избувнала косовската војна. Тој е првиот уметник во Косово, пред и по војната, кој настапил на најважните сцени на меѓународната сцена во светот на операта, заедно со големи имиња како оперската легенда Пласидо Доминго, кој му ја додели и најпрестижната и најважна награда на Светскиот оперски натпревар ‘Опералија’ во 2016 година“,
се наведува во биографијата на пејачот кој е на сцената од 2010 година.
Во рамки на одбележувањето на 24-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, покрај најавената гала вечер, претходно денеска се одржа свечена владина седница на која говореа премиерот Христијан Мицкоски и првиот вицепремиер Изет Меџити.