Јавен обвинител до судија на претходна постапка доставил предлог на сите тројца осомничени да им биде определена мерка притвор
Основното јавно обвинителство Скопје поведе истрага против двајца браќа и нивен познаник, кои се осомничени дека со умисла се обиделе да лишат од живот едно лице пред фитнес-клуб во Чаир.

Настанот се случил во вечерните часови на 1 јуни, а во инцидентот, од страна на осомничените во опасност бил доведен животот и на уште две лица, информираат од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Инцидентот, како што се наведува во краткиот опис на случајот, започнал како вербална расправија во која инволвираните првин си размениле навреди и пцости, а потоа почнале и физички да се пресметуваат.
„Во еден момент првоосомничениот извадил нож со кој го прободел оштетениот во коленото, стомакот и градите“,
велат од Обвинителството.
Повредите на другите двајца оштетени во настанот им биле нанесени додека се обидувале да ги раздвојат осомничените и да му помогнат на прободеното лице.
Според наредбата за спроведување истражна постапка што ја донел јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје, трите лица се сомничат дека како соизвршители се обиделе да сторат кривично дело убиство од член 123 став 2 точка 3, а во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик (КЗ).
Јавниот обвинител до судија на претходна постапка доставил предлог на сите тројца осомничени да им биде определена мерка притвор.