Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вчера на својот фејсбук-профил соопшти дека се забрануваат 173 нови нелегални приредувачи на онлајн игри на среќа
Со стапување во сила на новиот закон за игри на среќа, кој е во владина процедура, се очекува да се намали бројот на клубови што приредуваат игри на среќа. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа што Владата презема околу појавата на нелегални приредувачи на онлајн игри на среќа.

„По неколку месеци работа на законот за игри на среќа и негово усогласување, тој е готов. Очекувам овој месец да ја помине владината процедура и потоа да влезе во парламентот. Ќе има многу новини и измени и очекувам со усвојувањето законот, бројот на таквите автомат-клубови природно да биде намален“,
кажа тој.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вчера на неговиот фејсбук-профил соопшти дека се забрануваат 173 нови нелегални приредувачи на онлајн игри на среќа.
„Апелирам до досегашните играчи, во најбрз можен рок да ги повлечат сите депонирани средства и да не се подведуваат на лажните и манипулативни е-маил пораки кои ги наведуваат да ги користат овие нелегални страници на несигурен и небезбеден начин“,
напиша тој на Фејсбук.
Од ресорното министерство велат дека станува збор за нов налог што е добиен од страна на Државната лотарија со нелегални приредувачи на онлајн игри на среќа и истиот е проследен до Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) за понатамошно постапување преку телеком операторите.
Ова е втор ваков налог, а со првиот беа забранети 53 нелегални онлајн приредувачи на игри на среќа.