Според последните истражувања, овие производи често полесно создаваат зависност. Тоа, претставува една од најсилните превентивни мерки и во европските земји
Од Министерството за здравство денеска соопштија дека новиот предлог-закон за заштита од пушењето предвидува регулирање на сите никотински производи, вклучувајќи цигари, електронски цигари, (со и без никотин), загреани тутунски производи, бездимни никотински производи, како и производи што го имитираат пушењето.

Целта, според Здравство, е да се регулира употребата и на новите никотински производи, имајќи предвид дека тие создаваат чад или аеросол со штетни материи. Како што велат оттаму, според последните истражувања, овие прозиводи често полесно создаваат зависност.
„Предвидена е забрана за производство, увоз и продажба на никотински производи со овошни, слатки, ментол, билни и други вкусови, за кои се смета дека ја олеснуваат првата употреба и ја забрзуваат зависноста. Ова претставува една од најсилните превентивни мерки и во европските земји“,
велат од ова министерство.
Предлог-законот за заштита од пушењето е усогласен со глобалните јавно здравствени политики и со насоките на Светската здравствена организација (СЗО) преку рамковната конвенција за контрола на тутунот.
Тој воспоставува сеопфатен систем, кој ги следи клучните принципи на конвенцијата, како заштита од изложеност на чад, ограничување маркетинг, промоција, спречување индустриско влијание преку спонзорства, контрола на достапноста и мерки за превенција и поддршка за откажување.
Според министерот за здравство, Азир Алиу примарна цел на новиот предлог-закон е заштита на младото население, за кое најновите истражувања покажуваат дека девет отсто од учениците на возраст од 13 до 15 години користат електронски цигари, 4,9 отсто користат тутунски производи што се загреваат, а 10,6 отсто пријавиле дека некогаш користеле.
Со нацрт-законот за заштита од пушење, кој од 10 во месецов и официјално е објавен на електронскиот регистар ЕНЕР, се предвидува драстично заострување на државната политика кон пушењето цигари и тутунските производи.
Освен целосна забрана за пушење во јавни и работни простории, предлог-законот изработен од Министерството за здравство предвидува и забрана за рекламирање, промоција и спонзорирање од страна на тутунската индустрија, регулирање на продажбата, прикажувањето и изложувањето на тутунски и никотински производи.
