Нацрт-верзијата на новиот модел на субвенции го помина првиот владин филтер – усвоено е воведување на т.н. „de coupling“ систем со кој земјоделците нема да добиваат субвенција само за поседување обработлива површина земја, туку и за остварено производство. На заедничка прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски и министерот за земјоделство Љупчо Николовски најавија дека моделот е по европски терк, а целта е да се поттикне поголемо производство храна и да се намали увозната зависност на земјава. Акцентот ќе биде на стратегиските култури.
„Стариот систем за субвенционирање според кој земјоделците добиваа субвенции без да прикажат доказ дека оствариле производство, го заменуваме со нов, т.н. ‘de coupling’ кој ги обврзува да докажат дека имаат остварено и предадено производство. Македонското земјоделство го приспособуваме на европските патеки. Во организиран систем ги ставаме сите чинители, намалувајќи ја можноста за плаќање во готово, спречувајќи ја сивата економија – систем кој има зголемен обем на контроли и систем кој гарантира поголемо производство на домашна храна“,
изјави министерот Николовски.
Како што објасни Николовски, со новиот модел за субвенционирање, земјоделците преку програмата за финансиска поддршка авансно би добивале основна субвенција наменета за одржување на земјиштето во обработлива состојба. Основната субвенција би ја добивал секој земјоделец кој обработува земјоделска површина, кој ќе посее едногодишна култура или одржува траен насад, земјоделец кој ќе поднесе барање и кој ги исполнува пропишаните минимум критериуми без услов за предадено производство. Дополнителната субвенција, пак, е врзана со остварен принос, но и со предавање на производството во регистрирани домашни капацитети или со искористување на производството за сопствена продукција на финални производи регистрирани за продажба од куќен праг. Можност за авансна исплата на дел од основните субвенции се предвидува и кај сточарството.
„Со овој нов модел земјоделците добиваат авансна исплата на субвенциите која ќе ја добиваат во тековната година кога конкурирале за субвенцијата, односно тогаш кога им се најпотребни пари за да имаат одржливо земјоделско производство“
порача премиерот Ковачевски.
Ваков вид на субвенционирање веќе се воведе како пилот-проект во текот на изминатата година за сончоглед, пченица , јачмен и други стратегиски култури, кои според премиерот Ковачевски веднаш дале позитивни резултати.
„Оваа година имаме дупло поголемо производство на сончоглед со исто ниво на субвенции во споредба со минатата година. Она што е важно и треба да го знае секој земјоделец и секој граѓанин, е дека со новиот модел не е предвидено намалување на средствата наменети за земјоделците, туку нивна поефикасна распределба, побрза исплата, што значи планско и одржливо производство, од што бенефит ќе имаат и земјоделците и државата. Со новиот систем за субвенции, фокусот го ставаме на стратегиските култури, на суровините потребни за производство на основните прехранбени производ“
порача премиерот Ковачевски.
Новиот модел кој министерот претпладнево го претставил на владината седница, предвидува зголемена контрола и дополнителни услови за добивање финансиска поддршка, елиминирајќи ги можностите за нерегуларности и зајакнување на продуктивноста, а Платежната агенција добива подолг период за извршување на контролите.
Новиот начин на субвенционирање треба да се финализира до крајот на годината, а според најавите ќе почне да се применува од јануари 2023 година.