„Наш приоритет се европските интеграции. Биле, се и ќе останат врвен приоритет. Но, тој пат не смее повеќе да биде срамен, треба да биде достоинствен. Треба да биде пат во кој ќе бидеме рамноправни со сите останати европски народи, а не понижени и засрамени како што за жал денес сите од нас се чувствуваме“, кажа Мицкоски
Покрај темата за прислушувањето, премиерот Христијан Мицкоски во говорот од централната прослава за Денот на независноста се осврна и на предлогот на опозицијата за декларацијата што ќе ги содржи црвените линии за интегративниот процес на земјата.
Посочи дека е во исчекување на таквиот предлог од опозицијата, но и дека додека тој е на чело на Владата, нема да дозволи игри со вакви прашања и оти државата ќе биде сигурна.

„Со радост го чекам тој предлог да видам каков ќе биде. Во исчекување сум, со нетрпение го чекам. Од иститите тие што прифатија декларација за непромена на името, па потоа го сменија, од оние што викаа дека нема ултиматуми, па го донесоа францускиот предлог, од оние што велеа ајде на референдум, па потоа не ги признаваа резултатите од него. Ајде да видиме какви се тие црвени линии, чија боја ќе биде побледа од најбелата боја, зашто не може во исто време да се зборува за црвени линии, а да се вели дека мора да се прифати сѐ што е на маса, безусловно. Но, да бидете сигурни дека додека сум јас претседател на Владата, нема да има игри со вакви прашања. Државата ќе биде сигурна“,
кажа Мицкоски.
Според него, приоритет на Владата се европските интеграции, но додаде оти тој пат не смее да биде срамен, туку достоинствен.
„Наш приоритет се европските интеграции. Биле, се и ќе останат врвен приоритет. Но, тој пат не смее повеќе да биде срамен, треба да биде достоинствен. Треба да биде пат во кој ќе бидеме рамноправни со сите останати европски народи, а не понижени и засрамени како што за жал, денес сите од нас се чувствуваме“,
рече тој.
Негов фокус рече дека се и вистинско европско образование, среќни земјоделци, млади што остануваат дома, работници со добри услови за работа, инвестиции, добар животен стандард.
„Тоа е мојот сон и сонот на мојата генерација. Сигурен сум дека секој еден од вас ќе се сложи дека вреди да се жртвуваме за да го отсонуваме овој сон. Денес повторно сме исправени пред времиња што бараат храброст и одлучност. И повторно мора да го направиме вистинскиот избор, изборот на работа, изборот на заедништво, изборот на иднина што ќе ја оставиме на нашите деца“,
вели премиерот.
Минатата недела лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) Венко Филипче, најави дека наскоро ќе има работна верзија на декларацијата што ќе ги содржи црвените линии за интегративниот процес на земјата.
Според него, политичките чинители треба да седнат заедно на маса и да се формализира тоа како во иднина ќе продолжи процесот на евроинтеграциите.
За отфрлањето на резолуцијата од страна на премиерот, рече дека Владата само бара изговори, исто како што бара изговори за да не ги спроведе уставните измени, додека реформските закони и дипломатската активност се во застој.
Пред десетина дена во телевизиско гостување најави дека неговата партија ќе изготви документ кој ќе го достави во текот на оваа недела до Собранието, кој ќе придонесе за одблокирање на евроинтеграциите во услови кога соседните држави Албанија и Црна Гора бележат напредок, а Македонија не.