Од опозициската партија велат дека според нивната анализа, дури 92,5 отсто од пензионерите ќе земаат помалку пари од тоа што би добиле со редовно усогласување
Со најновата одлука за линеарно зголемување на пензиите за 1 000 денари, владата им нанесува директна штета на над 318 000 пензионери, реагира пратеничката Јованка Тренчевска од опозициската СДСМ, која денеска ја презентираше пресметката за последиците од овој модел.
„Пензионерите не само што се оштетени сега, туку и идното усогласување во март 2026 ќе се врши на пониска основица, што значи дека и тогаш ќе добијат помалку од заслуженото“,
вели Тренческа.

Според постојниот Закон за пензии, усогласувањето треба да се врши двапати годишно, во март и во септември, но и да се базира на растот на платите и животните трошоци. Ако не се промени законот, велат од опозицијата, пензиите во септември ќе се зголемат за околу пет отсто.
„Тоа значи дека за пензија од 25 000 денари зголемувањето ќе беше 1 250 денари, а сега се добива само 1 000. Кај повисоките пензии штетата е уште поголема. На пример, за пензија од 40 000 денари, наместо 2 000 денари, пензионерите ќе добијат двојно помалку“,
кажа таа.
Од вкупниот број пензионери, според нивната анализа, дури 92,5 отсто ќе земаат помалку пари од тоа што би добиле со редовно усогласување. Само 7,5 отсто ќе имаат минимална корист.
„Со ваквото линеарно зголемување се нарушува принципот на правичност – секој да добива според својот придонес. Ова е не само нечесно, туку и штетно за пензискиот фонд, кој веќе се соочува со дефицит над 47 проценти и сооднос од само 1,6 вработени на еден пензионер – најлош досега“,
заклучува Тренческа.
Тие побараа од Владата веднаш да го повлече предложениот модел и пензионерите да добијат зголемување согласно важечкиот закон и нивниот реален придонес во системот.