Според соопштението на МНР, авионот од Дубаи се очекува да слета на Меѓународниот аеродром „Скопје“ околу 20 часот по локално време
Вкупно 150 патници со лет од Дубаи денеска се евакуираат во земјава. Најголем дел од нив, односно 125, се македонски државјани, 11 се косовски, седум се државјани на Србија, по двајца има од Албанија и Босна и Херцеговина и по еден државјанин од Германија, Ерменија и од Црна Гора.

Според соопштението на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, авионот од Дубаи се очекува да слета на Меѓународниот аеродром „Скопје“ околу 20 часот по локално време.
„Во моментов во Обединетите Арапски Емирати остануваат околу 200 македонски државјани кои првично се пријавиле за евакуација, но според нивните изјави во овој момент не изразуваат подготвеност да ја реализираат“,
соопштија од МНР.
Во однос на евакуацијата од Ријад, која е планирана за утре, од Министерството информираат дека се пријавени вкупно 153 патници. Од нив, 96 се наоѓаат во Катар, 33 во Кувајт,15 во Бахреин и девет во Саудиска Арабија. Со оглед на тоа што Македонија нема склучено договор за воздушен сообраќај со Саудиска Арабија, предвидено е авионот да слета на аеродромот во Приштина, по што ќе биде организиран превоз за патниците до Скопје.
Целата организација на летовите и сите поврзани трошоци се покриени од Владата.
