Владејачката партија и денеска го третира случајот „Теретана“, обвинувајќи ги лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и министерот за внатрешни работи за обид за влијание во истрагата
СДСМ и денеска го обвинува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за обид за влијание врз полициски функционер, за случајот „Теретана“, односно за неговото, наводно, одење во теретана во екот на епидемијата со коронавирусот.
„Без срам Мицкоски призна дека праќал пораки и телефонски се слушал со вработени во МВР кои воделе истрага во која самиот тој е предмет. Ова, според сопствено признание, Мицкоски го сторил со директна помош од техничкиот министер Наќе Чулев. По кој закон и по кој правилник Чулев му дал на Мицкоски телефонски број од помошник-министер во МВР за тој да врши притисоци за истрага која се води за него? Дали Чулев на сите лица против кои се водат истраги им дава телефонски броеви од лица од МВР кои ги водат истрагите, наместо да го штити нивниот професионален интегритет“,
прашуваат од СДСМ.
Како што се наведува во соопштение на владејачката партија, на овој начин Мицкоски и Чулев ги прекршиле законите, затоа што на секој граѓанин, па дури и претпоставено лице во институција, забрането му е да му се јавува на службено лице кое врши истрага и да се интересира за неговиот случај.
„Ова е класично однесување по режимската матрица од времињата кога ВМРО-ДПМНЕ го претвори МВР во МВРО-ВМРО, но тој филм Мицкоски нема да го гледа“,
велат од СДСМ.
