Ако имате систем со општи правила на игра, а се обидувате, преку измени на закони во скратена постапка, да воспоставите посебни правила на игра во различни области – работни односи, експропријација, земјоделско земјиште…, вие воспоставувате два паралелни правни поредоци кои во рамки на единствен систем на владеење на правото воопшто не смеат да постојат – вели Гоце Коцевски од Македонското здружение на млади правници
Коцевски смета и дека свесно е заобиколен процесот на „проценка на влијание на регулатива“
Со тоа што предлог-измените во осум закони по скратена постапка дојдоа од група пратеници, а не од Владата, гледам интенција да се заобиколи процесот на „проценка на влијание на регулатива“, кој би дал одговор на голем дел од прашањата што сега се отвораат – вели Гоце Коцевски, програмски директор во Македонското здружение на млади правници (МЗМП), еден од гостите во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат.

Коцевски објаснува дека обврска за „проценка на влијание на регулатива“ постои само кога предлог-законите ги иницира Владата, така што, тој смета дека во случајот со пакетот од осум закони поврзани со договорот со „Бехтел и Енка“ станува збор за „свесно заобиколување на тој процес“.
„Немаме друго образложение освен интенција да се заобиколи процесот на ‘проценка на влијание на регулатива’ кој овие прашања однапред ги одговара. И, барем на хартија, дава можност јавноста навреме да биде информирана за плановите на државата“,
вели Коцевски.
Тој предупредува и дека не станува збор само за промени во осум закони туку за цела нова институционална рамка.
„Владеењето на правото не е само флоскула што сите сакаме да ја кажуваме. Владеењето на правото значи еднакви правила на игра за сите. И сега, ако имате систем со општи правила на игра, а се обидувате, преку измени на закони во скратена постапка, да воспоставите посебни правила на игра во различни области – работни односи, експропријација, земјоделско земјиште…, вие воспоставувате два паралелни правни поредоци кои во рамки на единствен систем на владеење на правото воопшто не смеат да постојат“,
додава програмскиот директор на МЗМП.
Анализата на Коцевски покажала шаренило од поими што се користат во предлог-измените на осумте закони – „проекти од национален и стратешки интерес за РСМ“,„работи од стратешки интерес за државата“, „стратешки градби“ – во услови во кои специјалниот закон од 2021 година зборува за „утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер“.
„Сево ова во пракса ќе предизвика сериозни проблеми. Дали инвеститор што работи на друг патен коридор може да се повика на истите одредби“,
прашува тој.