Презентирајќи снимка со „ситроенот” од камера на козметичкиот салон, обвинителката рече дека е истата снимка што таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, инаку обвинет во случајот, му ја пратил на полицискиот началник Деан Димовски, кој сведочеше на едно од претходните рочишта лани, на кои се сослушуваа сведоци на Обвинителството. Ѓорчевски, како што наведе обвинителката, му ја испратил снимката на началникот со порака дека нешто му е чудно. Инаку, сите снимки се од критичниот ден, 27 ноември 2023 година, кога била грабната Вања
Со изведување на материјални докази, односно видеоснимки денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судскиот процес за грабнувањата и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.
На рочиштето се присутни двете обвинителки од Основното јавно обвинителство Скопје, Жаклина Крстевска-Јосифовска и Ана Стојковиќ-Димитровска, кои од почетокот го застапуваат обвинителниот акт.
Во врска со барањето на првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо од претходното рочиште за изземање на обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска и целото ОЈО Скопје, судијата Ивица Стефановски го прочита бројот на решението, но не наведе експлицитно која е неговата содржина.
Сепак, извесно е дека барањето на Палевски за изземање на обвинителката и ОЈО Скопје е одбиено.
По ова продолжи главната расправа со изведување на доказите.
Се презентираат снимки од видеонадзор на хотелот „Сити парк“ и козметичко студио и фризерница во близина на зградата од каде што е грабната Вања, на улицата „Наум Наумовски-Борче“. Снимките, како што појасни обвинителката, се надоврзуваат на оние што се презентираа на рочиштето на 20 јануари, а на кои беше прикажано движењето на возилата „ситроен” и „рено кангу”.
Снимките презентирани денеска се однесуваа на движењето на „ситроенот”, во кој било ставено детето по грабнувањето.
„Во 6:37 часот, реално време, се забележува возилото ‘ситроен’, свртува во десно, подзапира и потоа продолжува право по паркингот каде што е зградата на оштетеното дете. Возилото продолжува со своето движење по паркингот, упатувајќи се директно на местото каде што се наоѓа зградата од каде што е грабнато оштетеното дете”,
рече обвинителката презентирајќи делови од снимките од камерите на хотелот „Сити парк”, во траење од неколку секунди.
Презентирајќи снимка со „ситроенот”, од камера на козметичкиот салон, обвинителката рече дека е истата снимка што таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, инаку обвинет во случајот, му ја пратил на полицискиот началник Деан Димовски, кој сведочеше на едно од претходните рочишта лани, на кои се сослушуваа сведоци на Обвинителството.
Ѓорчевски, како што наведе обвинителката, му ја испратил снимката на началникот со порака дека нешто му е чудно.
Инаку, сите снимки се од критичниот ден, 27 ноември 2023 година, кога била грабната Вања.
Беше презентирана снимка од „ситроенот” со време од 7:29 часот кое, како што обвинителката, е времето кога било грабнато девојчето. Една минута претходно, како што кажа таа, друга снимка покажува дека на местото пред да се појави „ситроенот” поминуваат десетина возила. Откако поминува „ситроенот”, по истата улица поминуваат возила на секои 30 секунди, кажа обвинителката.
На следните снимки од менувачница, како што наведе обвинителката, се забележува возилото „ситроен” како од улицата „Наум Наумовски-Борче“ продолжува кон булеварот „Партизански одреди”. Инаку, времето на снимките кои се презентираа отстапуваа од реалното време од неколку минути до речиси еден час, што беше нотирано од обвинителката.
Во тек е презентација на други снимки од доказите на Обвинителството.
На претходното рочиште, на 27 јануари, првообвинетиот во случајот Љупчо Палевски-Палчо побара изземање на обвинителката на Жаклина Крстевска-Јосифовска и на целото Основно јавно обвинителство Скопје од случајот затоа што, според него, таа криела докази.
Палевски пред една недела, образложувајќи ги причините за ваквото барање, кажа дека обвинителката треба да одговори каде е пиштолот сопственост на еден од обвинетите (Боре Видевски, зошто 421 ден Јавното обвинителство не го расчистило овој факт и зошто чаурата пронајдена кај местото Рудник не ја приложила како доказ). Меѓу, доказите што ги приложува во барањето, тој кажа дека се наоѓа и лажна изјава на сведок, од вештачење на телефон, нецелосна и фалсификувана телефонска комуникација.
„Иако ги знаела фактите, без да го вештачи телефонот на нејзиниот сведок, а за да ги негира моите искази, донесе сведок кој со докази е докажано дека сведочел лажно“,
рече Палевски на минатото рочиште.
Еден неговите адвокати, Марјан Витановски, во изјава за медиумите по рочиштето, тогаш рече дека тоа што досега четворица обвинети во досегашната постапка немале да постават ниту едно прашање или да приговорат на каков било доказ, укажува дека во овој случај можеби тие се заложници во овој кривично-правен настан или можеби веќе преговарале за исходот на постапката, а со причина првообвинетиот Палевски да биде лицето кое го извршило делото.
Обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска, пак, пред новинарите изјави дека Обвинителството има преземено доволно дејствија и дека сите наводи на Палевски, со кои тој бара нејзино изземање се неосновани.
На прашање во врска со наводите на Палевски дека Боре Видевски поседувал оружје, обвинителката рече дека Обвинителството ги има обезбедено сите докази и оти тие се приложени. За изјавата од адвокатот Витановски дека другите обвинети преговарале со Обвинителството со цел да се осуди Палевски, Јосифовска рече дека ниту еден бранител не разговарал со Обвинителството надвор од преземањето на службените дејствија во смисла на испитување на обвинетиот.
За грабнувањата и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, покрај Љупчо Палевски-Палчо, обвинети се Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски. Сите петмина обвинети се произнесоа дека не се чувствуваат виновни.
Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Додека, грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да му го земат возилото „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.