„Со поднесувањето на обвинението е поднесено и известување дека во просториите на МВР се наоѓаат 500 кластери со документација и се бара каде да се достават тие материјали, а во текот на главната расправа како докази да се изведуваат само скенирани документи“, рече обвинителката на ОЈО ГОКК, Верица Бержецка-Крстева, на денешното подготвително рочиште за предметот чиј формален почеток судијата го закажа за 27 март
Одбраната на првообвинетиот Ристо Крмзов реагираше дека сите докази на Обвинителството во досегашната постапка се обезбедени од обвинетите правни лица и дека целата истрага била водена фрагментирано
Во простории на Министерството за внатрешни работи (МВР) се наоѓаат 500 класери со документи од фирми со кои Обвинителството ќе докажува дека струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов заедно со уште девет физички лица како злосторничко здружение сториле даночна измама и незаконски инкасирале 22 милиони евра од поврат на ДДВ.

Истите докази ќе ги користи и одбраната на обвинетите, но во корелација со други делови од документацијата која, според тврдењата на адвокатите, Обвинителството воопшто не ги зело предвид во текот на истрагата, а сè со цел да ја создаде својата теорија на случајот.
Ова беше кажано на денешното подготвително рочиште за случајот „Крмзов“, што се одржа во Основниот кривичен суд Скопје, откако Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) на крајот на декември соопшти дека обвинителниот акт и обвинителниот предлог против сопственици и управители на фирми се одобрени и стапени во сила.
Обвинети
Предметот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е обвинителката на ОЈО ГОКК, Верица Бержецка-Крстева. Во предметот, сумирано, се обвинети 10 физички и 14 правни лица.
Формалниот почеток на судскиот процес судијата Трпков го закажа за 27 март, а дотогаш одбраната на обвинетите ќе треба да направи увид во доказниот материјал.
Инаку, како што појасни Трпков на почетокот, подготвителното рочиште е дел од праксата што се воспоставува во судот и неговата цел е да се утврди динамиката и текот на рочиштето, за да се обезбеди поголема ефикасност и економичност на судскиот процес.
Во судницата број 1 во скопскиот Кривичен суд денеска дојдоа сите обвинети освен Горанчо Трајков, кој, како што кажа неговиот бранител, живее во странство, но планира да доаѓа на рочиштата од судскиот процес.
Првообвинетиот Крмзов во судот беше спроведен од притвор, со лисици на рацете.
Покрај него, на обвинителна клупа денеска седнаа и обвинетите Васе Панајотов, Зуле Крмзова-Василева, Драги Механџиски, Ксенија Митева, Петар Костов. Овие лица, како што посочи судијата, се опфатени во обвинителниот акт што ОЈО ГОКК го поднесе во врска со случајот. Дополнително, во предметот, но по обвинителен предлог, ќе им се суди и на Миле Карамитров, Марија Манолева и Елизабета Туџарова.
Докази
Уште на почетокот на подготвителното рочиште, обвинителката Бержецка на одбраната ѝ подели цедеа со скенирани документи, чиј попис само е на 8 000 страници.
„Прво во однос на доказите, со поднесувањето на обвинението е поднесено и известување дека во просториите на МВР се наоѓаат 500 кластери со документација и се бара каде да се достават тие материјали, а во текот на главната расправа како докази да се изведуваат само скенирани документи“,
рече обвинителката.
Таа кажа и дека на одбраната ѝ било дозволено во текот на постапката да обезбеди копија и екстракција од списите во МВР.
„На доставените цедиња се наоѓаат скенирани сите тие списи, чиј попис е речиси 8 илјади страници. Како во целост, така и по фолдер, со договори, изводи од УЈП и вештачења. Дополнително, и сите записници од сослушување сведоци и обвинети“,
кажа обвинителката.
Бержецка рече и дека во текот на судскиот процес главниот фокус ќе биде ставен на економските вештачења, за што, додаде, ќе бидат потребни неколку рочишта.
„Сметам дека на неколку рочишта треба да бидат изведени овие докази со сослушување на вештите лица, како со директни, така и со вкрстени прашања“,
рече таа додавајќи дека обвинителството нема да предлага други сведоци.
Одбраната обвинува за фрагментирана истрага
Од друга страна, одбраната на првообвинетиот Ристо Крмзов реагираше дека сите докази на Обвинителството во досегашната постапка се обезбедени од обвинетите правни лица и дека целата истрага била водена фрагментирано.

„Обвинителството сака да води постапка само во однос на данокот на ДДВ, според одбраната треба да се земат предвид сите материјали во класерите за да се види дека во сите тие записници од Управата за јавни приходи се земени и даноците на приход, за добивка, персонален данок кои и ден денес се во правен промет“,
рече адвокатот Ване Андереев, кој е бранител на Крмзов и на уште неколкумина други обвинети.
Токму од таа причина, рече тој, тие како одбрана ги предлагаат истите докази на Обвинителството, но во корелација со доказите содржани во класерите на фирмите.
Теоријата на одбраната е дека Обвинителството ги гледа договорите на еден начин, а по однос на сите други договори се однесува на друг начин“,
рече тој.
Адвокатот Дончо Наков се произнесе само во однос на обвинетата Ксенија Митева, чиј бранител е, наведувајќи дека за презентирање на доказите што се однесуваат на неа нема да бидат потребни повеќе од два-три часа, освен ако обезбедат исказ од вешто лице.
Тој рече дека имаат повеќе барања доставени до институции, кои, како што ќе ги добиваат, ќе ги споделуваат со Судот и Обвинителството.
Влатко Китановски, другиот бранител на Крмзов, во своето излагање кажа дека на одбраната треба да ѝ се овозможи увид во целата документација која е во МВР, за да се изврши споредба дали таа е целосно опфатена во скенираните материјали на цедеата од Обвинителството.
„Одбраната во овој момент не е во можност да ја подготви одбраната без увид во книговодствената документација одземена во претходната постапка. Немаме намера да ја обременуваме постапката со многу докази, но сакаме да презентираме докази од правните лица, но и од УЈП, која години наназад овие зделки ги третира како реален промет и наплаќа даноци, што укажува дека во конкретниот случај не постои измама, а најмалку даночна“,
рече Китанов.
Откако и двете страни ги изнесоа своите проекции и видувања за текот на судскиот процес, судијката Трпков ѝ даде временски простор од еден месец на одбраната да изврши увид во доказите и да ја подготви својата одбрана, а по неколкуминутна консултација меѓу странките и судијата, како датум за првото рочиште беше одреден 27 март, кое ќе почне со воведни зборови на Обвинителството.
Обвинението
Обвинението против бизнисменот Крмзов и повеќе физички и правни лица за даночна измама стапи во сила кон крајот на декември минатата година.
Во обвинителниот акт Крмзов и уште шест лица се товарат за кривичните дела злосторничко здружување и перење пари и други приноси од казниво дело. Дополнително, тие се обвинети и како соизвршители во кривичното дело даночна измама, а двајца од обвинетите, покрај за наведените, се товарат и за продолжено кривично дело даночно затајување. На трите физички лица за кои ОЈО ГОКК поднесе обвинителен предлог ќе им се суди за продолжено кривично дело несовесно работење во службата, додека 14 фирми се обвинети за продолжено кривично дело даночна измама.
„Според обвинението, истражната постапка утврди дека на почетокот на 2019 година, на територијата на Република Северна Македонија, првообвинетиот, заедно со уште двајца обвинети, како сопственици и управители на обвинети правни лица со намера да стекнат противправна имотна корист, создале група со цел вршење на кривичните дела даночно затајување, даночна измама и перење пари и други приноси од казниво дело. На групата, како припадници, се приклучиле уште четворица обвинети, исто така во својство на сопственици и управители на обвинети правни лица“,
соопштија тогаш од ОЈО ГОКК.

Првичната цел на групата, односно злосторничкото здружение, била да формираат фирми со формално назначени сопственици и управители и да се стекнат со право на поврат на ДДВ, нешто штo не би било возможно доколку организаторите на групата би биле формални сопственици и управители на новоформираните правни лица.
На тој начин, обвинетите, во име и за сметка на фирмите што сега се опфатени со обвинителниот предлог, изготвувале и меѓусебно разменувале фактури со невистинита содржина, спротивно на одредбите од Законот за данок на додадена вредност, Законот за данок на личен доход, Законот за данок на добивка и Законот за даночна постапка, а сè со цел како поврзaни лица да остварат поврат на ДДВ.
Имено, според ОЈО ГОКК, за периодот од 2019 до 2024 година, во поднесуваните даночни пријави неосновано биле користено правото на влезен ДДВ, што било овозможено од обвинетите овластени сметководители кои како службени лица постапувале спротивно на законот и не вршеле надзор, а што биле должни да го прават.
Во даночните пријави, според Обвинителството, бил прикажуван повисок влезен ДДВ, во вкупен износ 4 123 102 931 денари (околу 67 милиони евра), а по основ на фиктивни договори за купопродажба на недвижен имот, при што била прибавена противправна имотна корист преку незаконски поврат на ДДВ и користење на институтот на даночни гаранти.
Со овие дејствија, обвинетите од Управата за јавни приходи успеале да добијат, односно да им биде исплатен незаконски поврат на ДДВ во износ од 1 348 996 831 денари или околу 22 милиони евра.
Средствата, за кои обвинетите знаеле дека потекнуваат од кривично дело, биле внесувани во платниот промет и префрлани меѓу правните лица со цел да се прикрие нивното потекло.
Дополнително, дел од средствата биле употребени за купопродажба на имот, враќање кредити кон банки, подигање готовина, како и за плаќање добавувачи на градежни материјали за изградба на станбени комплекси.
За потсетување, бизнисменот Ристо Крмзов беше уапсен на 9 јуни годинава. Нему му е одредена мерка притвор, која сè уште е активна.
Струмичкиот бизнисмен во своите јавни настапи и интервјуа додека траеше предистрагата, тврдеше дека е цел на одредени локални моќници кои сакаат да му го преземат бизнисот.
